Битолчани со лажен профил на 14-годишно девојче мамеле мажи, па ги снимале, малтретирале и терале да кажат дека се „педофили“
Полицијата од Битола поднесе кривична пријава против шест битолчани, меѓу кои и еден под 18 години, под сомнение дека користеле лажен профил преку кој се претставувале како 14-годишно девојче и договарале средби со мажи, по што ги пресретнувале, снимале, малтретирале и принудувале да кажат дека се „педофили“, а видеата заедно со лични податоци ги објавувале на интернет.
Препорачано
„СВР Битола поднесе кривична пријава против Н. Р. (22), М. И. (19), О. Н. (19), Л. Г. (19), А. Д. В. (18) и 15-годишник, сите од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“. Во период од февруари 2025, пријавените, дејствувајќи организирано како група, преку креирани профили на социјални мрежи користеле лажен профил преку кој се претставувале како 14-годишна малолетничка и воспоставувале комуникација со машки лица, по што договарале средби на повеќе локации на подрачјето на Битола. По пристигнување на договорените локации, оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, снимани без нивна согласност, навредувани, омаловажувани, психички малтретирани и принудувани да даваат изјави дека се ‘педофили’, а создадените видео записи и нивните лични податоци биле јавно објавувани на социјални мрежи, со што кај оштетените предизвикале чувство на страв, понижување и загрозување на нивната сигурност“, соопштува МВР.


