Пратеникот Фатмир Битиќи во Собранието

Битиќи ја повика власта да ги повлече измените во Законот за јавни набавки

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи денеска од собраниската говорница повика да не се гласаат измените во законот за јавни набавки, предложени од седум пратеници од владеачкото мнозинство бидејќи се штетни за процесите на јавните набавки во нашата држава.

„Што се во суштина законските измени? Според предлог-законот во редовна постапка, сега, поднесен од седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Бирото за јавни набавки ќе нема право да врши управни контроли врз јавните набавки, туку само ќе се прави административна проверка пред почеток на тендерот и да дава мислење за тендерските услови, рече Битиќи, додавајќи дека административната постапка подразбира преглед дали сите листови хартија се на број, дали во структурата и содржината на тендерот за јавни набавки се содржат сите елементи, коишто се пропишани и толку.

„Управната постапка се менува со чист технички елемент и ова е најголемата суштинска измена во предлогот за измена на законот за јавни набавки, со која пратениците во суштина бараат изземање на ингеренциите на Бирото ја јавни набавки, рече Битиќи.

Тој истакна дека таа ингеренција за управна контрола сега се префрла на државната комисија за жалби по јавни набавки, која власта еднаш се обиде, па се откажа, а сега со конкретниот предлог потворно сака да ја промени, а тоа, во случај доколку некој од учесниците на тендерот покрене жалба по првичната одлука.

„Доколку има само еден понудувач, кој ќе се жали на постапката? Или можеби тоа е тенденцијата на следните јавни набавки во наредниот период од фамозните милиони евра коишто се зборуваат“, рече Битиќи.

Тој потсети дека управната контрола е процедура која ја има во актуелниот закон, со која се проверуваат веќе завршените тендери поголеми од 500.000 евра за набавка на стоки и услуги и поголеми од два милиони евра за набавка на работи, односно инфраструктурни проекти.

„Последната управна контрола позната на јавноста е набавката на евродизел за ЈСП, кога бирото за јавни набавки нареди поништување на постапката во која имало само еден понудувач“, рече Битиќи.

Тој посочи дека доколку се усвои овој нов закон, конкретниот предлог за набавка на нафта немаше да биде проверуван од бирото и ќе поминеше мазно, бидејќи имаше само еден понудувач и немаше да има кој да поднесе жалба до комисијата за жалби.

„Сега не разбирам, вие бевте тие што се удиравте во гради како „наместен тендер“ и на штета на граѓаните, ова биро заради управната контрола го поништува и тоа било добро, а сега им ги одземате ингеренциите и викате дека пак било добро. Кажете што е добро? Но веројатно мазното некаде на друго место ќе заврши, рече Битиќи, додавајќи дека менувањето на одредбата за задолжителна контрола само со админстративна проверка ќе изнедри многу, многу работи коишто ќе мирисаат.

Од другите предложени измени Битиќи ги издвои проверките на членовите на комисијата за решавање на жалби по јавни набавки.

„Во новиот предлог, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои и претходно се обидоа со предлог-закон и со нови критериуми да ја сменат комисијата за жалби по јавни набавки, но по реакција на антикорупциската мрежа на НВО се повлекоа, сега пак се вратија на намерата. Веројатно за да се избегнат гафови и фалсификувани сертификати за англиски или некој да пријави дека полагал ТОЕФЛ во школото „Јулија“ во Пловдив, кое не издава такви сертификати, предлагачите ја бришат таа одредба за стручно проверено знаење на англиски јазик и воведуваат услов, замислете „активно познава еден од трите најчесто користени јазици на ЕУ – англиски, француски или германски“. А како ќе се проверува активното знаење за јазици? Веројатно директорот ќе одлучува или некој друг затоа што приложил сертификат од школото „Јулија“ во Пловдив“, рече пратеникот на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот