Битиќи за „Слободен печат“: Со 2 милиони евра директна финансиска поддршка ја враќаме креативноста на ивент индустријата

Клучни критериуми се за содржините да се ангажираат исклучиво домашни артисти и изведувачи, за во целост да се поддржи домашната сцена и настаните да се на тема од висок јавен интерес со што ќе придонесеме и кон националната гордост, кон она што е наше обединување и највисок државнички интерес – а тоа оваа година е јубилејот 30 години независност на нашата татковина Северна Македонија како и 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, вели Битиќи за „Слободен печат“.

Ивент индустријата во Македонија е една од најпогодените во пандемијата и во неколку наврати преку протести и директни средби бараше решение и вклучување во пакетот антикризни мерки на Владата. Поради непредвидливиот фактор кој пандемијата го носи, Владата носеше мерки на секои 3 – 4 месеци, за да може да таргетира помош онаму каде што во моментот е најпотребна и никој да не биде изоставен.

Во последниот 5ти пакет,  Владата креираше наменска мерка за директна поддршка на економската гранка за организација на настани или уште позната како “ивент менаџмент индустрија”.

-Обезбедивме еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани, за чија реализација очекуваме да бидат ангажирани повеќе од 100 компании како организатори и подизведувачи и изнајмувачи на техника, но и ангажман на изведувачи, уметници, музичари,  артисти, културни работници, фотографи, сниматели, продуценти, техничари и други професии кои вообичаено се ангажираат во и околу ивент индустријата , вели за „Слободен печат“ Фатмир Битиќи, вицепремиер во Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.

Според вицепремиерот Битиќи целта е да се поддржат компаниите да продолжат да работат, да се поттикнат да го прифатат предизвикот да се прилагодат на променетите услови и да го искористат својот креативен капацитет за да креираат содржина во која сите ќе можеме да уживаме, како што тоа го прават години наназад.

-Значи, не станува збор за поддршка за да се седи под клуч во услови на пандемија, туку обратно – овозможуваме буџет кој ќе ја држи оваа економска гранка жива, активна, за да се создава содржина, да зрачат овие оператори во етер, да се продуцира нова програма и секако тие содржини да доаѓаат до граѓаните, до различните публики, до народот. И народот ја очекува оваа мерка бидејќи „култура во време на корона е нешто што дава оптимизам, што го крева духот и што праќа пораки на меѓусебно охрабрување меѓу нас, објаснува Битиќи за „Слободен печат“.

Тој  смета дека со најмалку милион евра ќе се поттикне ивент индустријата да работи дури и во време на рестриктивни мерки.

-Условите ќе бидат такви да ги задолжат операторите да организираат настани исклучиво според сите актуелни КОВИД-19 здравствени протоколи, што значи дека настани и продукција на содржина се можни дури и во време на пикови, се разбира преку онлајн врски, видео стриминзи, преку медиумите – на пример, артистите на некој локален плоштад, а граѓаните, публиките дома, онлајн пред својот телефон или компјутер, пред ТВ или радио приемниците. Кога се сака – се може!, дециден е вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој е убеден сум дека ова ќе биде сериозно освежување и за музичката, и за концертната, и за конференциската индустрија и особено за културните работници.

Новиот предлог не вклучува строги ограничувања во формата, туку ќе се поддржи секаков тип настани од јавен карактер, од концерти до изложби, претстави, проекции, јавни предавања, фестивали, свечености.

-Клучни критериуми се за содржините да се ангажираат исклучиво домашни артисти и изведувачи, за во целост да се поддржи домашната сцена и настаните да се на тема од висок јавен интерес со што ќе придонесеме и кон националната гордост, кон она што е наше обединување и највисок државнички интерес – а тоа оваа година е јубилејот 30 години независност на нашата татковина Северна Македонија како и 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. јавниот повик е во финална фаза на подготовка и очекувам да биде објавен во следните две недели. Тој ќе биде отворен до почетокот на месец мај, после што ќе бидат обезбедени грантови за апликантите кои ќе ги исполнат условите,  а од месец јуни па до крајот на септември очекуваме реализација на десетици настани и моќно културно лето со работен наслов „30 години Независност”, објаснува Битиќи.

Вицепремиерот ги повикува сите ивент оператори да размислуваат за идеи, концепти и сценарија за своите настани, за теми поврзани со Илинден, со АСНОМ, НОБ, со Референдумот за независноста, Охридскиот рамковен договор, за нашиот европски и евро-атлантски стратешки правец.

-Секогаш се добредојдени и настани посветени на македонската култура и традиција претставени преку идентитетските специфики на македонскиот народ и преку промоција на македонскиот јазик, како и настани за културата и традицијата на албанскиот народ во Северна Македонија и промоцијата на албанскиот јазик, но и настани за промоција на културата и традицијата на Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите други заедници кои живеат во Северна Македонија. Ова е можност да ги покажеме преку разни форми на јавни перформанси и дејноста и делата на нашите истакнати домашни автори и дејци во сферата на културата, уметноста, литературата, музиката, образованието, науката, спортот и друго. Да си ги промовираме повторно културно-историските локалитети и сите други аспекти на македонската државност и на нашето мултикултурно општество, вели Битиќи.

Ивент индустријата претходно ја користеше мерката за поддршка за плати во траење од шест месеци, а откако одлуките за петтиот пакет ќе поминат во Собранието  фирмите повторно ќе добијат финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека наскоро на располагање на ивент индустријата, но и за други економски гранки ќе бидат и дополнителни 10 милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка, од кои до 50% ќе бидат неповратни средства.

-Според нашите анализи, ако ивент индустријата создаде идеи и концепти за развој на бизнисот, преку оваа нова мерка за бескаматни кредити може да повлече уште еден милион евра, што заедно со средствата предвидени за организација на настани и со мерката за плати ќе донесе вкупна поддршка за оваа економска гранка повисока од два милиони евра, нагласува Битиќи за „Слободен печат“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот