Биолошка терапија на Онкологија имало за сопруг на инспекторка – во канцеларијата 212 кај Нино Васев, сведочеше медицинската сестра Славица Спасовска
Медицинската сестра Славица Спасовска која на Клиниката за онкологија работи 22 години и е одделенска медицинска сестра во дневната болница каде се аплицираат цитостатици и биолошка терапија денеска сведочеше во предметот „Онкологија 2“. Во овој предмет за злоупотреба на службената положба и овластување, измама и проневера во службата се обвинети поранешните директори на Клиниката, доктор Никола Васев и Нехат Нухи.
Препорачано
-Пациентите кои примаа лекови од условниот буџет, нивните медицински истории претходно се носеа на потпис кај директорот Никола Васев, рече Спасовска пред судот одговарајќи на прашањата на обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.
Според нејзиното сведочење, оваа скапа биолошка терапија набавувана со условниот буџет одобрен од Фондот за здравство, се случувало да ја нема секогаш на Клиниката. И во такви услови кога терапијата ја немало на Клиниката, рече Спасовска, одредени пациенти успевале да ја добијат.
-Еден од тие пациенти беше З.Д. кој примаше ампула „тецентрик“. Во тој момент го немаше лекот на Клиниката. Неговата сопруга беше инспекторка некаде, дојде и праша зошто нема. Ние објаснивме дека нема на Институтот. Сопругата се качи кај директорот. По некое време, ми се јави директорот и ме повика во неговата канцеларија. Таму беше и сопругата на пациентот и тогаш Васев ми даде ампула „тецентрик“. Ја земав ампулата и му ја спремив во дневната болница во присуство на сопругата. Потоа имаше пациент кој примаше „кејтруда“. За него од кај директорот имав земено една ампула „кејтруда“ која ја немаше во болничката аптека. Имаше и трет пациент, тоа било мене што ми се случило, и за него зедов јас ампула од кај директорот од канцеларијата број 212, сведочеше Спасовска.
Таа рече дека на писмениот извештај на кој лекар на пациент му препишал терапија, забележала преправање и допишување на терапија различно од она кое го имал првично напишано лекарот.
-Имаше еден таков пациент кај кого беше чкртната дозата во извештајот на лекот. Чкртнато беше 400 и беше додадено 1.200, рече Спасовска.
Таа забележала дека во дневната болница фали терапија.
-Можам да кажам за дневната болница. Правевме и уште правиме неделен попис каде се гледа состојбата. Имаше една ситуација, на предновогодишниот попис во 2022 година каде видовме дека ни недостасуваат 90 ампули „гемзар“. Тоа беше баш пред Нова Година. Прво се јавивме кај главната сестра па кај директорот да ги известиме дека лековите фалат, зашто се работи за голема количина лекови. На 3-ти јануари кога почнавме на работа директорот ме повика и ме праша од кога фалат лековите. Јас му кажав дека правиме попис на неделно ниво и дека на пописот пред Нова Година фалеа лековите и тоа 90 ампули. Имаше и еден случај, кога колегата Александар кој работеше на спремањето на терапијата, при крајот на работното време дојде и кажа дека требуваните лекови, ампули „зомета“ биле оставени во кутија на маса уште неставени во шкаф – ги снемало. Направивме вонреден попис на лекот „зомета“, ја известивме главната сестра и директорот па потоа дојде полиција од „Беко“, рече Спасовска.
Анита Бегова, адвокатката на Нехат Нухи почна со своето вкрстено испрашување на Спасовска за тоа дека го снемало лекот „гемзар“ од дневната болница.
-Кажавте дека некои лекови се украдени од маса во вашата дневна болница, дали така можам да заклучам?, ја праша адвокатката Бегова.
-Да, одговори, Спасовска.
-Тоа значи дкеа тие лекови не исчезнале од канцеларијата на директорите?, праша адвокатката.
-Јас не реков дека исчезнале од канцеларијата на директорите туку дека тоа беше во просторијата на дневната болница, на крајот на работното време, изјави сестрата.
-Дали можам да заклучам дека вие како одговорна во делот „дневна болница“ за лековите што ви ги дале и требало да се аплицираат, не сте дочувале пакетче со лекови?, продолжи Бегова.
-Не, зашто лековите си имаат просторија каде се чуваат. Треба да се таму. Таму се спрема терапијата, има шкаф и фрижидер и кога се донесени во пакет треба да се распределат во шкаф и фрижидер, одговори Спасовска.
Потоа следуваше прашање од Бегова – дали Славица Спасовска ги зела од Клиничката аптека лековите што фалеле, на што таа даде негативен одговор.
-А како знаете тогаш дека фалеле лекови?, праша Бегова.
-Колегата што беше на спремање кажа дека требувал 50 ампули „зомета“ и дека пакетот бил тука но го нема, а не е наместен во шкаф. Случајот со „зомета“ е пријавен во полиција, одговори Спасовска.
-А дали ви е познат исходот бидејќи сте пријавиле во полиција?, праша Бегова.
-Не, одговори Спасовска.
Запрашана дали таа ги украла лековите, Спасовска одговори негативно.
Сестрата инсистираше дека кога одела во канцеларијата на Васев тој лично ѝ давал ампули за одредени пациенти, а тоа не би можело да бидат приватно купени ампули бидејќи во таков случај ампулите би ги имал пациентот а не директорот.
Обвинителката ја прашуваше Спасовска, со оглед на тоа што таа рече оти одредена терапија лично ѝ била дадена од Васев во канцеларијата 212, дали знае како терапијата била чувана.
-Јас не знам како била чувана, ама беа ладни, најверојатно беа во фрижидер, рече Спасовска и додаде дека ако некоја терапија е приватно купена тогаш тоа би било наведено во историјата на пациентот.
Двајцата адвокати на одбраната дадоа свои забелешки на крајот на судењето кои влегоа во записник.
-Ова е предмет за наводна финансиска злоупотреба сторена од првообвинетиот помогнат од второобвинетиот, а не знам денеска овој сведок што појасни во контекст на обвиненијата и што можевме како вистина за финансиите на Клиниката да разбереме освен дека на попис ѝ фалеле 90 ампули и дека во оддел каде била одговорна се украдени „гемзар“ и други лекови. Обвинителството не даде објаснување на кои околности се предлагаат овие сведоци, дали за овие 90 ампули и „гемзар“ пакетче што недостигале тоа било така бидејќи од други луѓе биле овие лекови исчезнати. Прашањата кои беа наведувачки за овој сведок а посебно дали таа украла некој од лековите за кои била одговорна и задолжена е од документот „План мерки и активности на МВР“ доказ доставен денес до вас каде е наведена Славица Спасовска за која постоеле оперативни податоци дека може да даде информации и дека може да биде искористена како соработник на правдата, рече Бегова.
Адвокатите на обвинетите бараат да се изземе економското вештачење зашто го изработиле претходници на Васев и Нухи
Одбраната на доктор Никола Васев достави предлог за гаранција и за него ќе одлучува кривичен совет. Адвокатите на одбраната бараат судот да го изземе економското вештачење на вештото лице Елизабета Јовановска Дамеска затоа што таа била економска директорка на Клиниката за онкологија пред второобвинетиот Нехат Нухи, а кога го изготвувала вештачењето работела во Заедничките служби на Клинички центар „Мајка Тереза“ – правно лице кое извршува услуги за сите клиники во државна болница.
-Во Северна Македонија според регистарот на вештаци од материјално-финансиското работење има регистрирано 1.216 вешти лица од оваа област. Прашање на кое јас не можам да одговорам туку јавното обвинителство е зошто од 1.216 вешти лица токму е одбрана Елизабета Дамевска Јовановска која согласно член 238 став 2 не може да биде вештак во оваа постапка со овие обвинети за овие кривични дела. Сметам дека нема никаков резон, а не пак правен резон наводот дека на вештиот наод и мислење имало потпишано двајца вештаци, односно дека двајца учествувале во изготвувањето. Не држи правниот резон на Јавното Обвинителство дека ова вештачење е подобен доказ зашто било потпишано од две вешти лица. Ајде да ве изземеме вас од советот (на судии н.з) па само четворица од петмина во советот нека донесат одлука? Ова вештачење треба да се одбие како доказ и да не се допушти негово изведување. Со него не може да се донесе пресуда заснована на закон. Двете вешти лица од областа на материјалното сметководство и финансии, дел од наградите кои ги имаат земено се врз основа не на финансиски документи и контроли од ФЗОМ туку од наводи од техничкиот советник Милан Ристовски кој бил директор на Клиниката до јуни 2017, рече адвокатката на второобвинетиот Нехат Нухи, Анита Бегова.
Обвинителката пак тврдеше дека вештачењето треба да се прифати, зашто освен Јовановска Дамевска го изработило и друго вешто лице и цитирајќи членови од Законот за кривична постапка за тоа кога вештакот може а кога не може да биде изземен. Обвинителката тврдеше дека вештачењето е сработено со документи за извршени контроли од Фондот за здравство и ревизорски извештаи.
-Вештото лице Елизабета Дамевска Јованоска со решение на министерот за здравство од 12.07.2017 година е разрешена од функцијата организациски директор на Клиниката за онкологија согласно член 107 став 2 од Законот за здравствена заштита а како што е наведено во законот, директорот на јавно-здравствената установа го именува односно разрешува министерот за здравство. Против неа не е водена никаква дисциплинска постапка. Судот треба да има предвид дека вештиот наод и мислење не е изготвен само од вештото лице Елизабета Дамевска Јовановска туку и од вештото лице Анита Поповска. По однос на техничкиот советник Милан Ристевски би дополнила дека останувам на истите наводи како и за вештото лице Елизабета со тоа што истиот по сопствено барање има заминато од Клиниката на почетокот на 2018 година, а претходно со решие од министерот за здравство е разрешен од медицински директор, кога со решение е именуван обвинетиот Никола Васев, рече обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.
Адвокатот на Васев, Никола Ставрев исто така бара економското вештачење изготвено на барање на Обвинителството да не биде доказ кој судот ќе го цени и тврди дека треба да се изземе.
-Поради сомнежите за начинот како е ангажирано вештото лице да изготвува вешт наод очигледно е дека станува збор за заговор од страна на поранешниот медицински директор Милан Ристевски и поранешната економска директорка Елизабета Јовановска што може да се потврди од два документи и тоа Известување од министерството за внатрешни работи до ОЈО од 31.08.2023 година и План за работа на МВР за што примерок ќе доставам до судот и за јавното обвинителство. Од овој документ известување, видно е дека МВР целата постапка ја има почнато со пишувања по медиуми по што изготвило и план за работа, од кој е видно дека МВР во 2023 година по препорака на поранешниот медицински директор Милан Ристовски побарало да вештачењето од областа на економијата го изведе Елизабета Јовановска. Оттука очигледно е дека станува збор за заговор кој е подметнат на МВР а таквата работа поминала без проблеми во Јавното обвинителство кое денеска тврди дека по сопствен избор за сопствени потреби го ангажирала вештото лице Елизабета Дамевска Јовановска. Апропо овие документи е очигледно дека таа е предлог на поранешниот директор Милан Ристевски уште кога постапката била во предистрага, рече Ставрев.
Судот во однос на наводите на одбраната и на наводите на обвинителството за ова економско вештачење, ќе одлучи дополнително во текот на постапката. Наредното рочиште за „Онкологија 2“ е закажано за 9 октомври.


