Бил Клинтон и Жислејн Максвел позираат заедно за објектив како што се подготвуваат да полетаат при огромниот приватен авион во сопственост на озогласениот сексуален предатор Џефри Епстин. MEGA / The Mega Agency / Profimedia / *PREMIUM EXCLUSIVE*. 

Бил Клинтон денес ќе сведочи пред Конгресот за неговата врска со Епстин

По шестчасовното сведочење на Хилари Клинтон вчера, денес е ред на поранешниот претседател Бил Клинтон да сведочи, зад затворени врати, пред комисијата на Претставничкиот дом што го истражува случајот Џефри Епстин, пренесува Си-би-си.

Како и неговата сопруга, 79-годишниот Клинтон треба да сведочи пред комитетот преку видео врска од Чапаква, Њујорк, каде што двојката има дом.

Името и фотографиите на поранешниот американски претседател постојано се појавуваат во досиејата на Епстин, но сепак поранешниот претседател никогаш не е обвинет за ништо.

Како и Трамп, Бил Клинтон имал врски со њујоршкиот берзански брокер и патувал со неговиот приватен авион неколку пати на почетокот на 2000-тите откако ја напуштил Белата куќа.

На некои од фотографиите што неодамна беа декласифицирани од Министерството за правда, Бил Клинтон се појавува со Епстин на социјални настани и во приватни средини, понекогаш заедно со жени чии лица се покриени. На една фотографија, тој се чини дека е во џакузи.

Бил Клинтон постојано тврдеше дека не бил свесен за злосторствата на Епстин, кој се изјасни за виновен во 2008 година за поттикнување малолетничка за проституција и отслужи 18-месечна затворска казна.

Во 2019 година, кога Епстин беше пронајден мртов во затворската ќелија каде што беше притворен, Клинтон изјави дека не разговарал со него повеќе од една деценија.

Неговата сопруга Хилари, исто така, инсистираше на овој факт за време на сопственото сведочење вчера, во четвртокот.

Транскриптот од изјавите на Клинтон ќе биде објавен, веројатно доцна вечерва, откако ќе сведочи и Бил Клинтон.

Поранешната државна секретарка и претседателски кандидат во 2016 година (таа беше поразена од Трамп), во своето сведочење нагласи дека дури и не се сеќава дека некогаш го сретнала Епстин и дека не знае ништо за неговите злосторства.

„Огромното мнозинство луѓе кои имале контакт со него пред да се изјасни за виновен во 2008 година (…) не знаеле што правел“, нагласи Клинтон по нејзиното сведочење, разговарајќи со новинарите.

Зборувајќи со новинарите по нејзиното сведочење, таа истакна дека „одговорила на секое од нивните (членовите на комисијата) прашања што е можно подетално, врз основа на она што го знаела“.

Хилари Клинтон го обвини комитетот предводен од републиканците дека се обидува да го одвлече вниманието од врските на Трамп со Епстин.

„Доколку овој комитет сериозно сакаше да ја знае вистината за злосторствата поврзани со сексуална експлоатација на Епстин (…), директно ќе побараше од нашиот сегашен претседател да даде објаснувања под заклетва за десетиците илјади пати што се појавува во случајот“, нагласи Хилари Клинтон.

Демократските пратеници во комитетот, исто така, побараа од Трамп да сведочи, по новите откритија во американскиот печат дека Министерството за правда наводно спречило објавување на документи што ја содржат жалбата на жена која изјавила дека била сексуално нападната од Трамп и Епстин кога била малолетна.

„Ова се документи што го обвинуваат претседателот на Соединетите Американски Држави за многу сериозни инциденти на сексуално насилство“, инсистираше претставникот од Калифорнија, Роберт Гарсија.

Сведочењето на Клинтонови става крај на месеците контроверзии со републиканскиот претседател на комитетот, Џејмс Комер.

Бил и Хилари Клинтон првично беа поканети да сведочат пред комисијата во октомври, но тие одбија, осудувајќи го обидот на републиканците да го одвлечат вниманието од врската на Трамп со Епстин.

По заканите за постапка за непочитување на судот против нив, двојката конечно кон крајот на јануари објави дека ќе сведочи. Двајцата залудно побараа нивното сведочење да биде јавно објавено, велејќи дека сакаат да избегнат републиканците да ги искористат нивните изјави.

Хилари Клинтон на сведочењето пред Конгресот: Никогаш не сум го сретнала Епстин во животот, што не го распрашате Трамп вака под заклетва?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот