Без машки деца цела деценија: Село во Полска нуди награда за првото машко бебе!

Во селото Миејсце во Полска владее необичен феномен бидејќи дури повеќе од една деценија се нема родено машко дете, пренесува Њујорк Тајмс. 

Ситуацијата во селото Миејсце Одржански за многумина е навистина чудна и невообичаена бидејќи во него живеат само жени.

Поради оваа несекојдневна ситуација градоначалникот нуди награда за оној пар којшто ќе има машко дете, а научниците сè повеќе се интересираат да го испитуваат овој феномен.

И бројни телевизиските екипи доаѓаат постојано во селото во потрага по одговори за чудната аномалија на населението во малото полско село, се вели во сторијата што ја објави угледниот „Њујорк тајмс“.

Овој феномен за првпат го привлекол вниманието на полските медиуми кога селото испратило тим од девојчиња на регионален натпревар за млади волонтерски пожарникари. Оттогаш, градоначалничката Кристина Зиндиак вели дека ситуацијата во селото „станала малку луда“.

Неодамна четири телевизиски екипи пристигнале во селото до кое води само едeн пат и кое има 96 куќи, за да истражуваат „каде исчезнале мажите”.

– Некои научници изразија интерес да испитаат зошто тука се раѓаат само девојчиња – вели Рајмунд Фришко, градоначалник на општината Цисек, во која спаѓа и селото.

Тој вели дека штотуку разговарал со пензиониран лекар од централна Полска, кој рекол дека полот на бебето зависи од исхраната на жената, која треба да биде богата со калциум ако сака да има момче. „И ако тоа не функционира секогаш постои испробаниот начин на полските планинари: Ако сакате момче, чувајте секира под брачниот кревет“, вели низ смеа градоначалникот.

Фришко се одлучил да понуди награда за следната двојка која ќе има момче.

– Многу се зборува за оваа појава во селото, размислувам да именувам и улица по првото момче коешто ќе се роди. Тоа дефинитивно ќе добие многу убав подарок. И ќе посадиме даб и ќе го именуваме по него – вели градоначалникот.

Како и многу други полски села, и ова бележи голем пад на населението. По Втората светска војна имало околу 1.200 луѓе, сега има  само 272 жители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот