Бестендерска пат-позиција

Парадоксално е за јавна набавка во вредност над 5.000 евра распишувањето тендер да е задолжително, а за проекти од стотици милиони евра непринципилената вечна тендер-коалиција од сите политички бои да крои закони со кои се овозможуваат договори во четири очи.

„За овој огромен финансиски проект, вреден точно 580 милиони евра, не постои тендер, туку одлуката е донесена со донесување на Законот во Собранието на Република Македонија. Во вакви околности кога веќе нема тендер, може да се договори најслободно, во четири очи, со фирмата-изведувач на проектите“.

Ова е изјава на лидер на опозицијата. Ако помисливте дека Христијан Мицкоски прозива поради актуелните настани – грешите. Изјавата е на Зоран Заев, од 26 март 2015 година, при емитувањето на бомбата број 14. Денес Заев е премиер, а Владата без тендер турка проект за градење автопати од стотици милиони евра, кој најверојатно ќе се договара со директна спогодба. И тоа во исто време кога Стејт департментот објави извештај за Македонија дека корупцијата e голем проблем.

Од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека на пленарна собраниска седница ќе ги кажат своите забелешки за Предлог-законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер, како што се нарекува специјалниот закон, со кој американско-турската градежна компанија „Бехтел и Енка“ ќе ја има привилегијата што ја имаше и кинески „Синохидро“ пред осум години – зделките да се договараат во четири очи и да не ги плаќа евентуалните грешки. Затоа автопатот Кичево – Охрид денес е во пат-позиција: не е завршен, но е е преплатен за 45 отсто, односно чини околу 600 милиони евра. Требаше да биде готов пред три години, а ќе биде завршен – по три години. Можеби! Слично како и во Црна Гора, која сега бара помош од ЕУ за да го исплаќа кредитот кон Експорт-импорт банката од Кина од 640 милиони евра, иако автопатот од Србија кон Бар не е „закотвен“ ни на половина пат.

„Бехтел и Енка“ во Македонија треба да проектира и гради три автопати: Тетово – Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола. Предлогот веќе доби виза од собраниска комисија за финансирање и буџет да се усвои „по кратка постапка“, иако претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, смета дека овој закон е висок ризик од корупција и најави негово оспорување пред Уставниот суд. Но,  и покрај тоа, „сложни попови и во петок мрсат“, па и власта и опозицијата го поддржаа предлог-законот. Вицепремиерот Артан Груби најавува дека преговорите со „Бехтел и Енка“ ќе почнат веднаш „штом законот ќе стапи на сила“. Објаснувањето на Владата е дека „законот е нужен, зашто стариот модел на тендерирање одзема премногу време низ целиот процес, од проектирање до изградба“.

Вложувањето во патишта наместо во споменици, фраза што често ја користи оваа власт, не ја ослободува од контролата на јавното трошење. Ќе биде транспарентно, е омилената реченица на првиот актикорупционер во Владата, Љупчо Николовски, иако е парадоксално што за обична јавна набавка во вредност над 5.000 евра распишувањето тендер е задолжително, а за проекти вредни по стотици милиони евра непринципилената вечна тендер-коалиција од сите политички бои крои закони со кои се овозможуваат договори во четири очи.

На Груби му се брза. Не сака да се вози по автопат кога ќе има 80 години, туку сега. Зашто сега е на власт, кога се решава за скапи зделки. Утре Груби нема да биде на власт или нема да биде во раководството на коалицискиот партнер, којзнае. Затоа му се брза. А кредитите со кои се задолжи Македонија ќе ги враќаат неговите врсници, којзнае, можеби и кога ќе имаат 80 години.

Изградбата на скапа инфраструктура преку договори со непосредна спогодба нема да ни ги отвори патиштата, напротив. Бестендерскиот начин на договарање е беспаќе. We’re on a road to nowhere, пееше Дејвид Брн од Токин хедс. Ние сме на патот кон никаде!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот