Бесплатен превоз на жедни преку вода  

Никола Наумовски / Фото: Слободен печат

Предизборното ветување на Арсовска дека веднаш ќе го решела проблемот со нови 250 екоавтобуси и воведување бесплатен јавен транспорт е слично како „милијардата на Циле“! „Милијардата на Циле“ требаше да дојде од Тајван по признавањето, но никогаш не пристигна, а на Македонија ѝ се случи големата политичка и безбедносна криза во 2001 година.

Локални избори се ближат, утописки проекти се нижат. Во Скопје најголем интерес и смешки предизвика проектот на Комунистичката партија на Македонија за воведување бродски транспорт во Скопје. Нивниот лидер објави на ТВ-дебата дека имале план да го направат Вардар пловен од „Ѓорче Петров до село Лисиче или Драчево, не знам каде води…“. Човекот не знаеше ни каде води Вардар (Драчево е на четири километри од реката), ама сигурен е дека бродскиот транспорт преку Вардар бил проект што одговара на реалните потреби на скопјани и драчевци. Немаше покажано ни „п“ од проект, ни збор не кажа колку ќе ги чини скопјани уривањето на постојните мостови на Вардар (заедно со Камениот мост), изградбата на нов канал со нови мостови, купувањето нови бродови… Битно, лидерот на КПМ се направи фраер на телевизија и сега скопјани си тераат мајтап за „проектот“ за пловен Вардар.

Неделава скопјани имаа можност да чујат уште едно политичко ветување за „проект“, кој наводно бил успешно реализиран во „67 држави низ Европа“ – бесплатен автобуски превоз! Што е битно што во Европа воопшто нема 67 држави и што бесплатен јавен превоз досега има само во една многу богата државичка во Европа – Луксембург? Битно е само да се збори пред избори и бесплатно да се превезуваат жедни преку вода.

Бесплатен јавен транспорт со 250 екоавтобуси е како „Милијардата на Циле“

„Независната“ кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од партиската коалиција ВМРО-ДПМНЕ-АЛИЈАНСА-АА, вети не само „достапен и ефикасен бесплатен јавен превоз“ туку и „промена на автобуската флота со 250 еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси“. На нејзината страница објави фотографија од модерен електричен автобус долг 18 метри, ама не кажа ни збор колку ќе ги чини скопјани нова флота од 250 екоавтобуси. Не кажа никакви детали за нејзиниот „проект“ за бесплатен јавен транспорт што не го ни презентираше пред скопјани. Кажа само дека проектот бил „реално и остварливо решение“ во држави како Луксембург и во над 30 града во Франција, како Данкерк.

Но може ли воопшто да се споредува Скопје со богатиот град Луксембург (125 илјади жители) кој има приходи во буџетот од повеќе од 800 милиони евра, каде што граѓаните земаат средна плата поголема од 5.200 евра? Може ли да се споредува Скопје со Данкерк (град со околу 90 илјади жители), кој воведе бесплатен јавен превоз со значителна помош на ЕУ, и тоа откако вложи 65 милиони евра во развој на автобуските коридори за што му требаа четири години?

Скопје е метропола и треба да се споредува со други метрополи, а не со помали богати градови во Франција или во Луксембург. Досега ниту една француска метропола нема воведено бесплатен автобуски превоз, а единствената метропола која има најавено е Монпелје, град со околу 470 илјади жители. Таму пресметале дека бесплатниот јавен транспорт ќе ги чини 39 милиони евра годишно, што изнесува 5 отсто од нивниот буџет, а во Скопје таа сума изнесува 40 отсто од буџетот. Може ли Скопје да си дозволи да издвојува околу 40 проценти од буџетот за бесплатен јавен превоз?

Зошто кандидатката Данела Арсовска не го покаже проектот и не каже колку би ги чинеле скопјани 250 екоавтобуси и бесплатниот јавен превоз? Процената е дека промена на флотата со 250 електрични автобуси, заедно со депоа и полначи, би го чинела градот Скопје околу една милијарда евра! Секој добар менаџер знае дека треба години за да се изврши регуларна набавка и испорака на 250 автобуси, а и дека градот Скопје не е ни кредитоспособен за толку голем кредит. А „менаџерката“ Данела Арсовска ветува решавање на проблемот „веднаш“! Згора на тоа, како би се исплаќал толку голем кредит ако воопшто не се наплаќаат билети?

Да не должиме, предизборното ветување на Арсовска дека ВЕДНАШ ќе го решела проблемот со нови 250 екоавтобуси и воведување бесплатен јавен транспорт е слично како „милијардата на Циле“! „Милијардата на Циле“ требаше да дојде од Тајван по признавањето, но никогаш не пристигна, а на Македонија ѝ се случи големата политичка и безбедносна криза во 2001 година.

Проектот за брз автобуски превоз во Град Скопје е реалност!

За разлика од кандидатката за градоначалник на Скопје, која не покажа никаков проект за бесплатен јавен транспорт и промена на флотата со екоавтобуси, градот Скопје веќе има обезбедено средства за готов проект за брз јавен превоз во Скопје. На 2 април 2021 е издаден Указ за прогласување на Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување брз автобуски превоз во Град Скопје“. Во Законот стои дека државата се задолжува со заем во износ од 70 милиони евра, наменет за финансирање на проектот.

Со обезбедените средства за проектот ќе се финансираат два коридора на БРТ, набавка на нова флота еколошки автобуси, модерни автобуски станици и две автобуски депоа. БРТ опфаќа две линии со коридори резервирани за ултраеколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче (12,8 км со 21 станица), и од Бутел до Кисела Вода (10,4 км и 20 автобуски станици). БРТ автобусите ќе се движат на хибриден погон (гас и електрична енергија), ќе опслужуваат до 65.000 патници дневно и значително ќе го скратат времето за патување од едниот до другиот крај на Скопје, од сегашните 70 на 35 минути.

Со воведувањето на БРТ системот, Скопје станува првиот град на Балканот кој имплементира модерно, економично и еколошки ефикасно сообраќајно решение. Со БРТ системот Скопје ќе стане помодерен и почист град и ќе испише нова историја во јавниот транспорт на Балканот. Скопје веќе не е „шампион во аерозагадување“, а со БРТ системот ќе фати приклучок со другите зелени престолнини во Европа.

Врапче во рака или гулаб на гранка?

За што ќе се одлучат скопјани на 17 октомври – за готов реален проект за брз автобуски превоз, со веќе обезбедени средства – или за нереално ветување за некаков „проект“ за бесплатно превезување на жедни преку вода, како „милијардата на Циле“?

Од почесната конзулка Данела Арсовска се очекуваше да сподели некое искуство од Унгарија, на пример, да ни каже дали има бесплатен транспорт во Будимпешта или кога планираат да го воведат. Но Унгарија воопшто не е на листата на земји каде што е воведен бесплатен јавен транспорт. На списокот од европски градови најблиску до Скопје е бугарското гратче Самоков, со 25 илјади жители, каде што автобуските линии не се подолги од пет километри.

Скопјани се одамна изгорени од мегаломански нереални ветувања како „милијардата на Циле“ и нема лесно да наседнат на мегаломанското ветување за 250 нови екоавтобуси и бесплатен јавен транспорт. Наспроти нереалните ветувања на кандидатката зад која стои ВМРО-ДПМНЕ, скопјани многу добро паметат што направија од „Белата палата“ за јавниот превоз – Скопје сè уште се гуши од криминалната набавка на кинеските дизел-автобуси, кои се огромни потрошувачи на гориво и загадувачи на воздухот што сите го дишеме.

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кое ветуваше сè и сешто, а на скопјани им испорача поголемо аерозагадување, градоначалникот Петре Шилегов набави 33 нови екоавтобуси и обезбеди средства за нова флота ултраеколошки автобуси и нов систем за брз автобуски превоз во Скопје.

Видео на денот