
Бесмира Ејупи добила речиси 12 илјади евра од пет интитуции
Поранешната ТВ-презентерка Бесмира Ејупи, која Владата сакаше да ја испрати за генерален конзул во Њујорк, за нецела година инкасирала буџетски средства од скоро 12 илјади евра преку 39 трансакции реализирани во текот на ланската и тековната година, дознава Фокус.
Препорачано
Таа меѓу 2021 и 2022 година фигурирала како примател на средства од 5 буџетски органи под ставката 425990, која според Правилникот за класификација на расходите, се означуваат „други договорни услуги“, се вели во податоците од базата „Отворени финансии“.
Според податоците, најголема исплата кон Ејупи е регистрирана од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, од каде почнувајќи од април лани па се до февруари годинава преку 11 трансакции, главно од износ од по 24.900 денари, и се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра.

Од Општина Чаир имало ист број трансакции кон Ејупи, но тие изнесувале по 9.000 денари, така што нивната вкупна вредност достигнува 94.935 денари или околу 1.500 евра. Покрај Општина Чаир, во трансакциите е вклучена и Општина Сарај, која извршила една трансакција помалку. Сепак, вкупната исплатена сума кон Ејупи е поголема и изнесува 210.000 денари или околу 3.400 евра.

Ејупи се појавува и на платниот список на уште една локална самоуправа во близина на Скопје, а тоа е Општина Петровец, каде од буџетот општината на личната сметка на Ејупи „легнале“ вкупно 160.000 денари или околу 2.600 евра преку 6 трансакции, така што 5 од нив се во износ од по 20.000 денари, а една изнесува 60.000 денари, што всушност претставува најголема поединечна трансакција, пишува Фокус.

Потсетуваме, Ејупи беше предложена од МНР за шеф на дипломатско-конзуларното претставништво во Њујорк. Сепак, под притисок на јавноста, Владата ја повлече оваа кадровска одлука.