Белград на нозе – слави за олимпијците, ама и порачува: Нема да копате литиум
Српските олимпијци кои ги освоија златните, сребрените и бронзените медали беа пречекани пред градското собрание на Белград, а меѓу насобраните граѓани се слушнале, како што соопшти иницијативата „Крени-промени“ и пораки од типот „Рио Тинто, марш од Србија“.
Препорачано
Имено, иницијативата „Крени-промени“ објави видео на кое се слушаат насобраните граѓани како извикуваат слогани против компанијата што планира да ископува литиум во долината Јадра, во Горњи Недељице, додека веат српски знамиња.
Исто така, на истата снимка можеше да се слушне и дел од песната „Марш на Дрина“, пренесува „Н1“ објавувајќи видео.
Насобраните граѓани развиорија транспаренти на кои пишуваше „Нема да копате“ и „Слобода за еколошките активисти“.
Полицијата ги приведе активистите. Како што соопштија од движењето „Крени-промени“, адвокати и претставници на таа организација отишле во полициска станица.
За потсетување, во саботата во Белград се одржа голем протест против ископувањето на литиум. На протестот тројца активисти Иван Бјелиќ, Никола Ристиќ и Јевениј Јулијан Димитријевиќ беа осудени на 40, односно 30 дена затвор, а нивниот адвокат поднесе жалба.
Судијата Горан Милутиновиќ сепак ги испрати во затвор тројцата активисти кои учествуваа во блокадата на пругата по протестот против ископувањето на литиум и ги обвини за нарушување на јавниот ред и мир „со непристојно, дрско и несовесно однесување“.


