„Бановина“- најголемата дива депонија во Лисиче која досега никој не успеа да ја исчисти
Местото познато како „Бановина“ во Лисиче е локација на која со години наназад несовесните граѓани го исфрлаат сето она што не им треба дома – кревети, маси, градежен шут, остатоци од храна, остатоци од зимници, стари алишта, железа, искосена трева, суви лисја кои ги собрале од дворовите, градинарски и секаков вид на отпад.
Препорачано
Како последица на исфрлањето на огромни количества на отпад, местото е збиралиште на бездомни кучиња кои, пак, претставуваат потенцијална опасност за минувачите.
За жал, и покрај неколкуте обиди на општинските власти да го решат овој повеќедецениски проблем, сепак, состојбата на терен воопшто не е променета и после краток временски период, огромни количества на ѓубре повторно се расфрлаат по целата површина.
Кога станува збор за оваа локација на територија на Општина Аеродром, интересно е да се напомене и дека мал дел од ова место пред неколку години беше урбанизиран, односно на мал дел од местото „Бановина“ беше изграден модерен парк со езерца и фонтани кое прерасна во збиралиште на локалното население, но поголемиот дел од дивата депонија и до ден денес остана неурбанизиран. Локацијата во моментов е половина парк, половина ѓубриште.

Од Општина Аеродром ветуваат дека во догледно време конечно комплетно ќе се исчисти насобраното ѓубре од „Бановина“ и дека наскоро целиот простор ќе се урбанизира.
-Еден од приоритетите на новата локална самоуправа ќе биде заштита на животната средина што подразбира и чистење на постојните депонии, кои за жал, изминативе години се заборавени. Конкретно за местото викано Бановина предвидена е урбанизација, заради што наскоро очекуваме да почнеме со изработка на нов ДУП за овој дел од Лисиче, како и за другите делови од Лисиче, кои беа заборавени. За правилен и рамномерен развој на Општина Аеродром, урбанизацијата на Лисиче е неопходна. Што се однесува до депонијата на посоченото место, таа ќе биде исчистена и во иднина Општина Аеродром преку инспекциските служби ќе врши редовна контрола на таа, но и на сите други локации каде што се создаваат диви депонии, а ги има повеќе – велат од Општина Аеродром на чија што територија се наоѓа оваа депонија.


