Банките мора да ви кажат колку вкупно сте платиле за разни надоместоци лани

Илустративна фотографија/ Profimedia

Во Законот за платежни услуги и платни системи е прецизирано и дека давателот на платежни услуги е должен да го достави извештајот најдоцна до крајот на јануари од тековната календарска година за наплатените надоместоци во претходната календарска година.

Банките мора да ги информираат граѓаните колку вкупно платиле разни надоместоци за водењето на нивните сметки. Банката треба да го направи тоа најмалку еднаш годишно. Ова произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи, кој почна да важи од 1 јануари минатата година.

Од некои банки пратија известување дека во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи, банката изготвила и овозможила извештаи за вкупно наплатени надоместоци од платежната сметка во денари или во девизи и од кредитните картички, за платежните услуги што се користеле во текот на 2023 година. Според известувањата, извештаите се достапни без надоместок, на шалтерите на банката, или преку профилот на интернет банка.

„Слободен печат“ провери како тоа изгледа во практика кај трите најголеми банки. Оние што имаат електронско банкарство на НЛБ банка лесно може да најдат извештај за надоместоците и со негово отворање се гледа колку годишно разни надоместоци платил корисникот. Еден конкретен пример покажува годишен износ од 2.276 денари, но секако, тоа кај секого е индивидуално. Расчленето по ставки, во конкретниот пример, за водењето на трансакциската сметка годишниот наплатен износ е 480 денари, на годишно ниво користењето на стандарден пакет за електронското банкарство бил 840 денари, за налози преку електронско банкарство се платени 130 денари, годишната членарина за основната картичка е 300 денари, за готовински исплати на шалтер се потрошени 250 денари, за налози кон УЈП – 576 денари.

Комерцијална банка има пратено известување за достапност на извештајот, но корисниците на електронско банкарство кои ги контактиравме велат дека не успеале да го пронајдат електронскиот извештај.

Корисниците на услугите на Стопанска банка велат дека барем засега не добиле известување за извештај за вкупно наплатени надоместоци, ниту пак дека можеле да најдат ваков електронски извештај.

Во Законот за платежни услуги и платни системи е прецизирано и дека давателот на платежни услуги е должен да го достави извештајот најдоцна до крајот на јануари од тековната календарска година за наплатените надоместоци во претходната календарска година.

Во Законот е прецизирано и како треба да изгледа извештајот. Според тоа упатство, не е доволна само збирна сума за платените надоместоци на годишно ниво, туку треба да се даде образложение за секоја ставка одделно. Извештајот треба да содржи информација за наплатен надоместок одделно за секоја користена услуга и информација за тоа колку пати е користена секоја од услугите во текот на периодот на известување, заедно со вкупниот износ на наплатен надоместок за секоја користена услуга. Исто е и за услугите кога се комбинирани во пакет. Во Законот пишува и дека, доколку е применливо, треба да има информација за каматната стапка што се применува на дозволеното пречекорување на платежната сметка и/или на премолчаното должничко салдо на платежната сметка, заедно со вкупниот износ на наплатена камата за искористеното дозволено пречекорување и/или премолчаното должничко салдо за периодот на известување. Исто така, пак, со назнака „доколку е применливо“, треба да има информација и за пасивната каматна стапка што се применува на платежната сметка, заедно со вкупниот износ на исплатена камата за периодот на известување и вкупниот износ на наплатените надоместоци за сите користени услуги во текот на периодот на известување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот