Трамп и Вучиќ во вашингтон 2020 година/ Фото:EPA-EFE/ ANNA MONEYMAKER / POOL

Балканот избришан од стратегијата на Трамп: Што значи исчезнувањето на регионот од радарот на американските интереси?

Иако новата стратегија за национална безбедност на администрацијата на Трамп претендира да биде документ што ги отсликува приоритетите на обновената американска моќ, во неа се забележува нешто што тешко може да се игнорира, речиси целосното исчезнување на земјите од Западен Балкан од радарот на Вашингтон. Тоа молчење не е случајно. Тие празни линии откриваат промена во архитектурата на американските интереси односно преместување на тежиштето од традиционалните „нестабилни периферии“ кон големите геополитички шаховски табли.

Овој пресврт отвора повеќе прашања отколку што нуди одговори. Дали Балканот повеќе не се смета за критичен простор? Или, пак, Вашингтон намерно ја остава регијата во „сива зона“ за да ја тестира европската одговорност во услови на растечки континентални тензии? Во секој случај, тишината на САД создава нови празнини кои другите сили, без двоумење, ќе се обидат да ги исполнат, анализираат дел од регионалните медиуми деновиве.

Имено, како што објавува Дојче Веле во своја последна анализа на оваа тема, новата стратегија за национална безбедност на САД, потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп, јасно покажува поместување на фокусот од глобалното ангажирање кон строго дефинираните американски интереси, при што Западниот Балкан е споменат само маргинално.

Тоа според германскиот медиум дава јасни знаци за насоката во која САД ќе гледа на Балканот во периодот што следи.

Според претседателката на Атлантскиот совет на Босна и Херцеговина, професорката Дијана Гупта, документот недвосмислено ја испраќа пораката дека „Америка мора да биде на прво место“. Ова првенствено се однесува на националната безбедност, економијата, борбата против нарко-картелите и миграциската политика.

Знамињата на земјите од Западен Балкан / Фото: Архива

„Соединетите Американски Држави им помогнале на многу луѓе во светот низ историјата, но тоа честопати не било доволно ценето. Доналд Трамп сега сака другите да доживеат како изгледа кога Америка се грижи пред сè за себе и за своите граѓани“, вели Гупта.

Според неа, приоритет на американската администрација останува запирањето на големите воени жаришта во Украина и Блискиот Исток. И покрај ова, таа верува дека стратешкото партнерство со Европа нема да биде доведено во прашање.

Крај на традиционалните сојузи? Објавена подолгата верзија на Стратегијата за национална безбедност на САД

„Премногу важни интереси ги поврзуваат Америка и Европа. Во мултиполарен свет полн со предизвици, безбедносниот аспект останува на прво место“, нагласува Гупта.

Западен Балкан само на маргините на стратегијата

Воениот аналитичар Хамза Вишќа предупредува дека Западен Балкан се појавува речиси исклучиво на маргините во новата американска стратегија.

„Ниту Босна и Херцеговина ниту регионот како целина не се конкретно вклучени во документот. Главно сме споменати во контекст на односите меѓу Србија и Косово. Сè друго е фокусирано на западната хемисфера и американските економски интереси“, изјави Вишќа за БХ Радио 1.

Сепак, документот носи важна порака: САД можеби повеќе не се подготвени да интервенираат како што беа некогаш, но остануваат подготвени да стабилизираат ситуации каде што има потенцијал за сериозни американски инвестиции.

Тој додава дека БиХ може да извлече јасен заклучок од ова: колку се посилни односите со Америка и колку е поотворена економијата, толку е постабилна безбедносната рамка. Тој како пример ја наведува јужната гасна интерконекција, но и потенцијалот за соработка во областа на специјализираната индустрија.

Шокантен документ: САД ја менуваат играта, Европа се заобиколува, Вашингтон турка брз договор со Москва

Помалку очекувања, повеќе одговорности

Иако новата Стратегија за национална безбедност посветува малку простор на Западниот Балкан, аналитичарите велат дека документот испраќа јасна порака: САД ќе бидат присутни таму каде што има стабилни институционални партнери и јасен економски интерес.

За БиХ, ова значи помало потпирање на надворешен ангажман и повеќе работа на внатрешен политички консензус и зајакнување на односите со Вашингтон и Брисел.

„Каде што влегуваат американски средства, САД немаат намера да ги изгубат – туку да ги заштитат“, заклучува Хамза Вишќа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот