Јетон Шасивари

„Балансерот“ – неуспешна математика за различностите

На долг рок, „балансерот“ не успеа бидејќи даде приоритет на квантитетот пред квалитетот, а овој неуспех влијаеше врз целата јавна администрација, создавајќи системски проблеми што подеднакво им наштетија и на Македонците и на Албанците, Турците, Ромите итн.

Во изјава од пред две години, поранешниот премиер г-дин Груевски ѝ објасни на јавноста како тој и неговата влада го дизајнирале „балансерот“ во 2014 година, во врска со уставната одредба по потпишувањето на Охридскиот договор што предвидува правична застапеност на помалите етнички заедници во јавниот сектор, каде што, според него, квалитетот (компетентноста) станал второстепен во однос на колективните права и дека тоа создавало девијации во системот. Тој објасни и што се случувало пред да постои „балансерот“. Порано, повеќето претставници на помалите етнички заедници од македонската беа вработени во министерство или во администрација каде што раководителот беше од таа етничка заедница. На пример, во период од околу пет години, Министерството за здравство имаше министри Албанци и, немајќи доволно моќ и средства за рамномерна распределба на Албанците во администрацијата, во Министерството за здравство процентот на застапеност на Албанците достигна 40%. Кој се жалеше на ова? Македонците и другите заедници.

Во меѓувреме, во некои други министерства каде што немаше министер Албанец или немаше министер Албанец долго време, процентот на застапеност беше 4%, 7% или 10% од вработените Албанци. Кој се жалеше таму? Албанците се жалеа.

Ова објаснување од поранешниот премиер јасно покажува како не требало да се примени точката 4.2. од Охридскиот договор, во што всушност и се состои почетната фабричка грешка на оваа дигитална алатка.

Во точка 4.2. од Охридскиот договор е пропишано дека: „Законите што го регулираат вработувањето во јавната администрација ќе вклучуваат мерки за обезбедување правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во рамките на таквите тела, почитувајќи ги правилата во врска со компетентноста и интегритетот што ја регулираат јавната администрација“.

Грешката со „балансерот“ беше во тоа што изразот „компетентност и интегритет“ се однесува на сите граѓани (не само на некои граѓани) во јавниот сектор, без оглед на тоа дали се Македонци, Албанци, Турци, Роми итн. Значи, фразата: „Почитувајќи ги правилата во врска со компетентноста и интегритетот што ја регулираат јавната администрација“ делува како квалификатор за целиот процес на вработување со тоа што обезбедува реструктурирање на јавната администрација за да биде поинклузивна (правична застапеност), но, истовремено одржувајќи ги стандардите за компетентност и интегритет (меритократија).

Значи, точката 4.2. од Охридскиот договор не ги исклучува албанските и другите кандидати од немнозинските заедници од компетентност и интегритет, ниту пак имплицира дека само Македонците се способни да имаат компетентност и интегритет, бидејќи поставува универзален стандард на меритократија за сите вработени, додека наложува проактивно регрутирање за подобрување на застапеноста на немнозинските заедници.

Така, Охридскиот договор ги приоритизира компетентноста, заслугата и интегритетот за да се обезбеди функционален капацитет на државата каде што етничката припадност не ја засенува компетентноста бидејќи целта е да се регрутираат најдобрите кандидати. Кандидатите прво мора да ги исполнат објективните професионални критериуми за работното место пред да се примени принципот на правична застапеност за да се постигне рамнотежа бидејќи Охридскиот договор не овластува вработување на некој што нема потребна компетентност.

На долг рок, „балансерот“ не успеа бидејќи даде приоритет на квантитетот пред квалитетот, а овој неуспех влијаеше врз целата јавна администрација, создавајќи системски проблеми што подеднакво им наштетија и на Македонците и на Албанците, Турците, Ромите итн.

Во пракса, според „балансерот“ (кој бараше од секој кандидат задолжително да ја изрази својата национална припадност), секое слободно работно место од институцијата мораше да ја содржи националноста во загради, наведувајќи дека, на пример, се потребни двајца Македонци, додека институцијата всушност имаше потреба од двајца економисти, во кој случај на сите не-Македонци им беше забрането да аплицираат за таа позиција и обратно. Ова беше школски пример за етничка дискриминација на граѓаните и за повреда на слободното изразување на националната припадност како наша темелна уставна вредност и меѓународен стандард, како и повреда на пристапот до работа за сите граѓани под еднакви услови.

„Балансерот“ беше широко злоупотребен преку фалсификување на националната припадност, каде што кандидатите ја менуваа својата национална припадност во апликациите за работа за да се вклопат во етнички групираните слободни работни места. Стана нетранспарентна алатка каде што интересите на политичките партии и клиентелизмот диктираа вработување во јавниот сектор, што придонесе за пад на квалитетот на јавните услуги, а воедно ја поткопа и компетентноста и интегритетот (меритократија) за сите кандидати, без оглед на нивната национална припадност.

Затоа, дури и европските извештаи, како оној на Европската комисија од 2023 година, нагласуваа дека оваа дигитална алатка повеќе не ги исполнува своите цели и не се совпаѓа со податоците од последниот попис во 2021 година. Истовремено ЕУ нагласуваше дека јавната администрација мора да биде ефикасна, професионална, непристрасна и одговорна, каде што фокусот на „балансерот“ на етничката припадност пред заслугите беше во спротивност со овие стандарди, повикувајќи на ново, потранспарентно решение кое го почитува принципот на недискриминација, а воедно го зачувува и духот на Охридскиот договор.

Дури и претходната Влада во 2023 година ја донесе Стратегијата за реформа на јавната администрација со важност до 2030 година, во која се наведува дека „балансерот“ треба да се напушти бидејќи ја изгубил својата употреблива вредност, се злоупотребува и не ги дава очекуваните резултати.

Значи, откако политичкиот фактор се откажа од „балансерот“, Уставниот суд во октомври 2024 година го укина, но со тоа се создаде правен вакуум што бараше соодветно решение за воспоставување соодветна и правична застапеност како еден од основните столбови на Охридскиот договор и темелна вредност на нашиот уставен поредок.

Кога сме кај потписниците на Охридскиот договор, во 2009 година, за време на промоцијата на новиот договор, г-дин Арбен Џафери како еден од потписниците, меѓу другото, ќе нагласи дека Охридскиот договор брутално не бил имплементиран во делот за соодветната застапеност, додека, во 2021 година, 20 години по неговото потпишување, оригиналниот документ на поранешниот претседател на ПДП, г-дин Имер Имери, кој беше и негов потписник, за прв пат беше доставен во Државниот архив.

Иако, политичките цели на поранешниот премиер г-дин Груевски можеби беа соодветни, дигиталната алатка „балансер“ од правен аспект не успеа, но, не и точката 4.2. од Охридскиот рамковен договор, која, 25 години подоцна, како неповратна уставна основа, за прв пат ќе биде операционализирана со закон за соодветна и правична застапеност кој конечно го вдахнува својот полн дух, претворајќи ја долгогодишната визија за правична застапеност од симболично ракување во обврзувачки закон на земјата без неуспешни математики.

Овој закон ќе обезбеди системска правна рамка која е дизајнирана за долгорочна имплементација, поставувајќи задолжителна законска рамнотежа за мултиетничка администрација, која за разлика од „балансерот“ ќе обезбеди вистински преглед на сите институции, фокусирајќи се на подобро таргетирање на вработувањето и ќе има улога на робустен закон од уставно значење, кој ќе обезбеди соодветна и правична застапеност во духот на точката 4.2. од Охридскиот договор и Амандманот VI од 2001 година, обезбедувајќи еднаков пристап до вработување и унапредување на работното место, учество и застапеност на граѓаните во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, со поттикнување на инклузивноста и зајакнување на социјалната кохезија.

(Авторот е универзитетски професор по уставно право во УЈИЕ)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот