Бајден в четврток ќе ги прими шведската премиерка и финскиот претседател

Саули Ниинисто, Џо Бајден и Магдалена Андерсон / Фото: EPA

Американскиот претседател Џо Бајден в четврток во Белата куќа ќе ги прими шведската премиерка Магдалена Андерсон и финскиот претседател Саули Ниинисто, изјави денеска портпаролката на Бајден, Карин Жан-Пјер.

Двете земји се подготвуваат за влез во НАТО, откако политичките раководства се изјаснија за брз прием во Алијансата.

„Тие ќе разговараат за кандидатурите на Финска и Шведска за членство во НАТО и европска безбедност, како и за поддршката за Украина која е нападната од Русија“, изјави Жан-Пјер.

Финскиот парламент денеска гласаше за влез во НАТО со огромно мнозинство од повеќе од 95 отсто од гласовите, дозволувајќи му на Хелсинки да испрати формална апликација за членство до седиштето на Алијансата.

Шведската министерка за надворешни работи Ен Линде денеска ја потпиша апликацијата на нејзината земја за членство во НАТО.

Со приемот на лидерите на двете нордиски земји, Бајден сака да покаже дека силно го поддржува нивниот прием во Северноатлантската алијанса.

Иако Финска и Шведска се историски неутрални, руската инвазија на Украина радикално го промени јавното мислење за приклучување кон воен сојуз.

Со исклучок на Анкара, другите членки на НАТО ја поддржуваат кандидатурата на двете земји.

Жан-Пјер додаде дека администрацијата на Бајден верува дека НАТО ќе постигне консензус за прием на Финска и Шведска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот