Азијците од корона-видеото, биле од Обединети Нации и ја учеле македонската младина за мир и толеранција

Да биде иронијата поголема, тие држеле работилница со деца од основно училиште во Св. Николе на тема мир, толеранција и меѓусебно почитување, во паралелки од прво и второ одделение.

Странците од видеото што вчера ја запали македонската јавност кои беа брутално вербално нападнати и снимани од скопјанец, кој со погрдни инсинуации и ксенофобични испади ги бркаше од земјава нарекувајќи ги корона, всушност биле претставници на невладина организација при Обединетите Нации на посета во Македонија.

Како што дознава „Слободен печат“, тие вчера биле во Свети Николе, како дел од невладината организација при ОН Heavenly Culture World Peace Restoration of Light. Да биде иронијата поголема, тие држеле работилница со деца од основно училиште во Св. Николе на тема мир, толеранција и меѓусебно почитување, во паралелки од прво и второ одделение.

Директорката на светиниколското основно училиште Кирил и Методиј, Саша Мицевска, за „Слободен печат“ вели дека посетителите биле прекрасни предавачи, многу организирани, со флаери, постери и наставни листови, а на дечињата им поделиле и подароци.

– Заедно учевме за богатствата кои се кријат во другарувањето, меѓусебното разбирање и соработка, хуманоста и дарежливоста. Дојдоа во соработка со општина Св. Николе и се договоривме за понатамошна соработка. Децата уживаа – ни изјави Мицевска.

Синоќа, на интернет се појави видео снимено од мобилен телефон на скопјанец, каде тој со ксенофобичен речник и непријателски тон, ги бркаше овие луѓе од центарот на Скопје, поврзувајќи ги со вирусот корона од Кина. На ова реагираа многу јавни личности, вклучително и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, кој го осуди видеото и побара одговорност за сторителот. Шилегов ќе ги покани посетителите од ОН во својата канцеларија во знак на извинување за непријатниот чин на снимателот на видеото.

Ова видео ги запали социјалните мрежи – „Мрш од тука, короништа едни“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот