Азески: Наредните 10 години не треба да се очекува којзнае каков напредок

Бранко Азески, Стопанска комора на Северна Македонија/Архива на Слободен печат

Влегувањето во НАТО и придвижувањето кон ЕУ, какво-такво, нѐ става на колосек од кој не можеме да одиме лево или десно, мора да движиме право како што налага пругата. Што поскоро одиме во тој правец, полесно ќе ги решаваме и проблемите, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во интервју за државната новинска агенција МИА.

Азески порачува дека владеењето на правото е клучно, а попис мора да направиме.

Во продолжение следува целото интервју со претседателот на Стопанска комора на Македонија Бранко Азески.

Претседателе, заокружуваме една необична година. Ни требаше време прво да сфатиме, а потоа и да прифатиме дека Ковид-19 ќе биде нашата реалност, веројатно подолг период. Како го гледате стопанството сега, 10 месеци по појавата на пандемијата?

Стопанството во овој момент се носи со еден многу тежок предизвик, се бори на повеќе фронтови зашто освен економската и здравствената, тука се и социјалната и политичката криза. Досега вакво искуство не сме имале, ова се случува првпат и затоа нашите предвидувања на почеток беа многу песимистички. Иако мислевме дека ќе има криза во ликвидноста уште летото зашто нашата економија е поставена проблематично (80 отсто од извозот е во ЕУ, а од тие 80 отсто, 70 проценти одат во Германија и тоа го прави една компанија – „Џонсон Мети”), а дополнително во услови на ковид 19 имавме и избори, сепак, издржавме, како да го поминавме сето тоа. Но, сега очекуваме дека кога ќе завршат владините поддршки, ќе дојде до некои нарушувања на ликвидноста. Не може да нема последици. Ова е некој континуитет на кризна ситуација, не може да се предвиди колку ќе трае кризата, но засега добро се носиме.

Кризата од 2008 година практично никогаш и не заврши и ова може да се смета како дел од неа. Застрашувачки е кога ќе се погледне дека оваа криза има контиунитет веќе 12–13 години и никако да се најде одговор за неа зашто веројатно општеството, но и целата светска заедница не најдоа начин да се носат со предизвиците.

Кризата нема да заврши брзо, ниту се знае колку ќе трае, а и никој засега не може да предвиди. Сето тоа ги исцрпува светските ресурси и резерви, го отежнува движењето, а тоа е основа за бизнисот. Ако страда бизнисот, ќе страда и стандардот на населението, ќе страдаат развојот и инвестициите. Има предвидувања дека дел од земјите кои имаат посолидна основа, во почетокот на вториот квартал од 2021 година ќе почнат со рестрикции на државната помош и тогаш тие компании што ќе преживеат, ќе треба да го понесат главниот товар. И кај нас има такви. Во топ форма, способни да ги издржат сите предизвици и да опстанат во какви било услови се околу 300 – 500 наши компании од вкупно 90.000 регистрирани (45.000 активни од кои 90 отсто мали и средни претпријатија). Тие всушност ќе ја влечат економијата напред и ќе бидат двигатели на натамошниот развој.

Всушност, ние имаме добри компании кои и во време на криза успеаја да ги задржат и извозот и производството. Нашите компании се во границите на нашите очекувања – тие што солидно работеа во последните десет години, ќе ја издржат кризата, дури и инвестираат, отвораат работни места, но има и такви сектори и фирми кои ќе платат голема цена.

Треба да се спомене и дека не се случи некоја од странските инвестиции во земјава да се откаже или да избега, што е позитивно.

Секогаш јавно ги искажувате своите ставови, не се воздржувате да критикувате. Прилично сте прецизен и во сугестиите кон владејачките структури. Но, периодов како да сте посебно гласен. Што всушност сакате да порачате? Дали укажувате дека од аспект на економските мерки не се движиме во вистинската насока, дека правиме погрешни чекори?

Во моите настапи преовладува оптимизам што е и очекувано, зашто во вакви ситуации не смееме да велиме дека нема излез. Сопствениците на фирмите за кои зборуваме, 45.000 активни од кои 20.000 остваруваат профит, не можат да ги дигнат на рамо и да ги изнесат надвор, а сега и нема каде да ги однесат. Затоа мора да дојде до подобрување на ситуацијата.

Но, ако нема владеење на правото, нема ни раст на бизнисот. Ние сме заинтересирани за апсолутно стабилизирање на државата, посебно на правосудниот систем. Иако имаше некои реформи, не сме задоволни како тоа функционира во пракса зашто има случаи што се влечкаат со години, а за тоа се ангажираат средства, камати. Мислам дека влегувањето во НАТО и какво-таквото придвижување кон ЕУ не става на колосек од кој не можеме да одиме лево или десно, мора да движиме право како што налага пругата. Што поскоро одиме во тој правец, полесно ќе ги решаваме и проблемите.

За мене голем напредок е и самото сфаќање од страна на државата дека напредок во владеењето на правото мора да има.

Конечно, по многу години, оваа Влада прифати да ги постави клучните прашања на дневен ред – парафискалните давачки, промена на Царинскиот законик, воведување Даночен календар со што однапред ќе се знае по кава процедура ќе се менува оваа алатка која може да предизвика сериозни последици кај фирмите, донесување на законот за холдинг друштва, промени во Законот за извршување кој ја фаворизира државата во однос на приватниот сектор, економска дипломатија која ќе биде ставена во функција на стопанството, докапитализирање на Македонската банка за обнова и развој.

Тука би го спомнал и наследното право кое не е чепнато уште од Југославија, а може да има значителни последици, посебно во аграрот. Во земјите на ЕУ не е дозволено делење на земјиштето при оставинските постапки, туку има други механизми за да не дојде до негово раситнување.

Ова се клучните прашња за кои сме ги убедувале сите влади, но оваа Влада имаше смелост да ги стави на дневен ред, да ги стави на маса, а дали и како ќе одиме понатаму ќе видиме. Засега можам да кажам дека кога одиме на средби во Владата, постои расположение да се разрешат, но се од обемен карактер. Ако порано се носеа законите и имаше проблем во имплементацијата и се заобиколуваше бизнис заедницата, сега бизнис заедницата е вклучена во тоа, а имплементирањето какво ќе биде ќе видиме, треба да почекаме.

И официјално влеговме во рецесија. Што ќе значи тоа за македонската економија и реално, колку време ќе ни треба да се опоравиме? Од што најмногу ќе зависи тоа?

Има една поговорка – кажете му на економистот што сакате и тој ќе ви ја оправда таа цел со бројки. Тоа јасно зборува дека во првиот и вториот квартал од 2021 година ќе доживуваме изненадувања во однос на бројките зашто ќе се споредуваме со бројките за тој перод од претходната година кои се многу ниски. Ќе ни изгледаат многу високи. Ние бизнисмените, сепак, знаеме да ги читаме бројките и тие нема да не залажат. Споредбата треба да биде по сите основи, со подобрите години, а не само со лани.

Дека ќе доживееме некој нагласен скок заради тие бројки што ќе се појават во првите два квартала, не. Тоа нема да биде. Ние сме свесни дека оваа трпеза треба дебело да се плати и таа ќе биде веројатно пресметана кога ќе заврши пандемијата. Мислам дека би требало јасно и транспарентно да се каже дека наредните 10 години не треба да се очекува којзнае каков напредок зашто кризата сериозно ќе го подигне нивото на јавниот долг, не само кај нас, туку и на сите околни земји, кај нашите најголеми трговски партнери – Бугарија, Србија, Грција, Албанија, дека никој нема волшебно стапче да ја реши кризата, да ги врати или да му се простат кредитите. Сето тоа покажува дека не можат да постојат лажни ветувања, средување на ситуациата во 2024 или 2025 година, туку ќе потрае и ќе остави сериозни траги. Затоа ние предлагаме тој период да се искористи за тотално реструктуирање на стопанството и да видиме што може да влече, да создава додена вредност.

Како го оценувате Буџетот за 2021 година? Приходите се проектирани на 212,6 милијарди денари што е 8,3 отсто повеќе во однос на вториот ребаланс на Буџетот за 2020 година, а во фокусот се заздравување на економијата, забрзан раст, заштита на здравјето на граѓаните, заштита на работните места, кратење на неприоритетните трошоци и подобра реализација на капиталните расходи….

Кога имате ваква ситуација, на криза, едноставно е да го направите Буџетот. Знаете каде ви се главните трошоци. Сметам дека од ова подобро решение не можело да има зашто се решава некоја актуелна состојба и има некаква резерва, а нивото на јавниот долг не го надминуваме за да не можеме понатаму да се задолжуваме. Генерално, ценам дека Буџетот е реален. Но, можни се изненадувања, поради што не е исклучено да дојде до ребаланс.

Корона кризата не поштеди никого. Дали, сепак, може да се издвојат некои сектори како најпогодени или ударот го чувствува целото стопанство?

Генерално, трпи целото стопанството, но дејностите поврзани со движење, туризмот, угостителството, транспортот, сообраќајот, ќе бидат најпогодени. Од друга страна, без мерки за нивно ограничување, не е можно да се справиме со кризата. Тоа е она што велевме на почетокот – да се спуштиме на некој вид хибернација, да преживуваме одреден период за да направиме скок. Тука се потребни парите кои државата ги донира, а ќе треба да се вратат. Тоа е општа формула применета секаде и тука нема дилема.

Стопанството, за разлика од здравството, подобро се снајде поради досегашното искуство од кризи. Знаевме дека треба жестока интервенција, навреме реагиравме, добро ги искористивме сите механизми и меѓународни и билатерални, па и личните врски.

Како држава, не можеме да речеме дека ги преземавме најдобрите можни мерки, но не потфрливме. Но, нашиот стандард е низок, нашата состојба не е сјајна. Сепак, имаме предност што во однос на јавниот долг сме во поповолна ситуација од другите земји на Балканот.

Кога ќе се резимира, и државата и приватниот сектор и сите останати институции, не беа на највисоко ниво, но држеа солидно ниво на кондиција за да може да се преброди кризата, барем засега. Што ќе биде понатаму, ќе видиме.

Комората излезе со документ, наречен Брошура, во кој се содржани конкретни оценки на состојбата, но и предлози за посилна економија во постковид периодот. Кои се клучните ризици во овој, но и во наредниот период и кои би биле најсоодветните правци на делување?

Комората во од го смени концептот. Пред кризата имаше сериозен концепт за наредните пет години кој требаше да доведе до создавање „комора на иднината”, со тотален пресврт во нејзинито работење тежиштето на работење да се стави во функција на фирмите, а не во функција на координирање на активностите со Владата. Сега излеговме со брошурата, најнов материјал согласно приликите, зашто цениме дека тоа ќе биде приоритет во наредниот период.

Државата навистина помогна, тоа што можеше, се задржа структурата на бизнисот и тоа е факт. Но, кога ќе почне да престанува нејзината помош ќе дојде критичниот момент. Тогаш ќе треба да се поддржат успешните компании, тие што ги спомнавме, меѓу 300 и 500. За нив ќе треба да се направи некој фонд, чии критериуми ќе бидат врзани со иновативни и инвестициски решенија, нови технологии, за нешто што ќе придонесе да се реструктуира стопанството. Ризиците ќе бидат помали ако извршиме дисперзија и на извозот и на најголемиот трговски партнер. Значи, да НАТО, да и ЕУ, но ни требаат и нови пазари. Не можеме да останеме на сегашната ситуација според која 80 отсто од извозот е во ЕУ, а од нив 70 проценти одат само една држава, Германија, од нив 50 – 60 отсто се од една компанија. Тоа се сериозни ризици. Битно е да одлучиме, дали ќе штитиме работни места или работници. Битна е храброста во тој момент на лидерството на државата – дали и покрај реакциите може да го направи таквиот потег, на штитење компании, што значи заштита и на работните места. Кај нас тука ситуацијата е воспалива, веднаш ќе почнат реакции – „му давате на тој и тој ова и она”, а всушност тој е тој што може да донесе инвестиции и да отвори работни места.

Бизнисот, нагласувате, бара решенија, а не дискусии, и бара многу поголемо учество во донесувањето на тие решенија отколку досега. На што алудирате? Не е ли стопанството доволно вклучено во донесувањето на владините одлуки?

Бизнис заедницата мора да го зголеми своето учество во процесите и за тоа треба сама да се избори, да изгради свои ресурси. Да најде начин за одблокирање или поттурнување на процесите онаму каде што се закочени. Тоа значи дека треба да има стручњаци кои ќе може да направат серозни анализи и да изготват предлог-решенија, да прават компративни согледувања со земјите преку коморскиот систем – каде тоа најдобро функционира, кои се позитивните искуства. И ние всушност треба да се преструктуираме. Јас тоа го направив во Комората, донесувајќи десетина експерти, па наместо да чекаме и да бидеме рушени на процедурите, ние со нивното знаење ги прескокнуваме тие работи и диреткно нудиме анализи, решенија, закони.

Важно е и што на чело на Владата имаме стопанственик . Тоа значи дека за економските прашања се разбираме многу полесно. Може да нѐ сфати, не губиме време во докажување.

Колку актуелните политички случувања се одразуваат врз бизнисот? Конкретно, бугарското вето – дали ќе предизвика застој во соработката, инвестициите? Се пролонгира и почетокот на преговорите. Предолго сме во „чекалната”. Менува ли тоа нешто во проекциите и зацртаните планови на деловниот сектор?

Бугарското вето нема да има влијание, нема да се одрази врз партнерските односи меѓу стопанствениците. Бизнисот е свесен за работите, дури јас и малку како на шега, имав еден предлог, историјата да се забрани десет години да се зборува на Балканот. Ионака сме оптоварени со тешко бреме, вака само потврдуваме дека не сме достојни да бидеме во тоа друштво, на високоразвиените. Земјите со висок стандард не ги интересира историја.

Релациите со соседите и бројките ни се идентични веќе 20 години што не е добро. Треба да работиме со соседите за да ги намалиме транспортните трошоци и да станеме конкуреннти на пазарот. Не може стоката да ја носиш исто до Бугарија колку и до Холандија.

Ние треба да имаме алтернатива и таа не се вика Москва, Пекинг или Делхи. Иако имаме пречка, треба да го остваруваме стандардите на патот за приближување кон ЕУ. Ги знаеме поглавјата кои се – првото се вика владеење на правото. Треба тие критериуми да ги исполнуваме за кога ќе се крене рампата да продолжиме, а не да го користиме тоа како прична зашто обврските не ни се реализирани.

Тоа што сме предолго во ЕУ чекалната менува многу зашто во бизнисот брзината е значаен фактор и за тоа мора да се води сметка.

На што, според Вас, треба да се фокусираме?

Имаме што да работиме за да ги убрзаме процесите за приближување кон ЕУ. За сите овие прашања има поглавја и кога ќе дојде до тоа да ги отвориме, не треба да дозволиме да се соочиме со проблеми.

Прво би го спомнал пописот. Не може сериозна држава 20 години да нема попис. Пописот ни треба не само за да се преброиме по националност или семејства, туку заради економските импликатори. Не може да се направи никаква економска прогноза, ако се немаат базичните, основни бројки. Треба да видиме зашто беше прекинат претходниот попис, да не се повтори тоа искуство. На меѓунационален план кај нас се е можно. Не сакаме ситуација на какво било пролонгирање на пописот. Попишувањето мора да се спроведе и тоа треба да биде приоритет. Срамно е кога ќе одиме во Брисел, да кажеме дека 20 години немаме попис.

Потоа децентрализацијата која кај нас, практично, не е ни почната. Единствена инвестициска активност на општините се тротоарите и по некоја градинка. Живеат од трансферите на државните пари, школството и здравството.

Изборниот модел мора да ги избегне сите предизвици кои може да доведат до нарушување на демократските процеси во земјата. Не може десет пратеници да определуваат каква ќе биде структурата, а и колку демократија можеме да очекуваме од т.н. султан партии? Бизнисот сака Парламент и избори на секои четири години, а не предвремени. Сакаме да видиме и, како во Грција, веднаш другиот ден формирање Влада, а не по три месеци од изборите.

Корективните механизми на власта – секогаш ќе има ситуации кога власта може да фати поинаков правец, да направи грешка. Состојбата на медиумите каква е? Не сме виделе ниту еден пример да се нападне газадата, спонзорот, за да речеме, да, задржана е некаква објективност. Сите сме согласни дека медиумите не ја играат таа улога, го нема тој силен коректив што треба да постои во демократските процеси. Останавме на три дневни весници и на два неделника. Потоа, МАНУ, коморите, синдикатите, универзитетите – дали секој си ја исполнува својата функција и задача? Не. Никој тоа не го прави зашто ако беше така, поинаку ќе изгледаа и определени потези на Владата. Се отворија многу унивезритети, се разводни кадарот.

Газдите не се задоволни од работниците со кои вештини располагаат, а работниците не се задоволни од тоа како газдите раководат. Мора да се бараат амортизациски механизми за учество во сопственоста по принципот на малцински акционезри, познати во светот, но ние каскаме и зад тие процеси. Исто така, соодносот меѓу издржуваното и активното население е неодржлив. Имаме 80 отсто дотација на Буџетот во Пензискио фонд. Што ќе правиме, ќе одиме до 100 проценти?

Континуитетот на важењето на правните прописи и дејства е, исто така, спорно. Луѓето мора да се сигурни дека тоа нема да се менува.

Претседателе, да го заокружиме разговорот со информација за Вашата нова книга која треба да излезе од печат. Посветена е на Вашите родители…

Поводот за книгата дојде откако замина и последниот станар на нашата семејна куќа во Охрид. Татко ми почина минатата година. Куќата остана празна. Еден ден, пребарувајќи по фотографиите, подредени по години, ми дојде идеа да напишам книга која се вика „Една слика, 1.000 зборови”. Но, во неа има и еден прилог, насловен „Една бројка, остануваш без зборови”. Книгата има 360 страници и преку 300 фотографии кои досега не се објавени – и од мојот приватен живот, но и од она што сум го работел. Во книгата зборувам како во пет чина се распадна Југославија економски и зошто. Без да сакам да правам паралела, пишувам и за состојбите во нашата земја, причините, решенијата. Во првиот дел кој се однесува на мене лично, содржани се мислења на луѓе надвор од земјава, кажуваат што мислат за мене. Потоа, во книгата ги има и сите мои јавни настани, како и признанија што сум ги добивал. Во третиот дел е запишано како сум ја градел мојата лична мрежа на пријатели која била ставена и во функција на македонскиот бизнис последниве 15 години. Многу тврдат дека имам најмоќна мрежа на Балканот, но што значи таа да се изгради? Тоа значи да поминеш милиони километри, илјадници настани на кои не си сакал да присуствуваш, а си присуствувал, да имаш стотици случаи каде што ја избегнуваш смртта или несреќите и да добиеш неколку болести. Тоа е цената за да изградиш таква мрежа, да имаш релации со милијардери, со претседатели на држави. На крајот има и анегдоти, зафрканции, со кои го исмејувам општеството.

За крај, би Ве прашала, дали деновиве, па и месециве Ви се случува да излезете на по некое кафе со семејството или пријателите? Колку Вие лично ги почитувате мерките за заштита од ковид 19?

Не само што ги почитувам мерките, туку и настојувам, пред се, во Комората, да се следат и применуваат сите мерки. Кафе пијам само на едно место, со исти луѓе и тоа со маска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот