Автобусите на метан гаражирани, сметката на ЈСП блокирана, хаосот продолжува
На скопските улици граѓаните повторно го чувствуваат сериозниот недостиг на автобуси и покрај тоа што дел од приватните превозници се вклучија со мал број автобуси. По автобуските станици тие повторно по најмалку половина час чекаат автобус.
Два дена не возат дел од автобусите на линиите 24, 5, 15, а денеска граѓаните не го дочекаа ни возилото на линија 60 што води од и кон Матка. Станува збор за автобусите „ман“, кои како гориво користат метан, а според информациите што стигнуваат од синдикатите во ЈСП, не можат да наполнат метан затоа што претпријатието поради блокирана сметка не е во состојба да си го плати долгот кон добавувачот.
Директорот Драги Кушовски неодамна призна дека сметката е блокирана, но во скудната изјава дадена пред вонредната седница на Советот на Град Скопје ништо не објасни.
Сметката е блокирана во моментов, се работи на деблокада на сметката. Сметката е блокирана неколку дена по основ на долг кон добавувач за нафта – рече Кушовски, но не сакаше да прецизира колкав е долгот за нафта, а на прашањето како ќе се деблокира сметката изјави кратко „Си има начин како“.
Но, очигледно начин не се пронашол затоа што оттогаш поминаа речиси две недели, а сега ниту автобусите на метан не можат да наполнат гориво.
На скопските улици граѓаните повторно го чувствуваат сериозниот недостиг на автобуси и покрај тоа што дел од приватните превозници се вклучија со мал број возила. Колку е незначително во моментов нивното присуство, заедно со отсуството на 30-ината автобуси на ЦНГ, говори гужвата по автобуските станици каде што скопјани повторно по најмалку половина час чекаат автобус.
Притоа од ЈСП, а вообичаено ниту од Град Скопје нема информации до кога ќе трае ваквата состојба, и до кога автобусите што се во добра состојба, но без гориво, ќе останат во гаражите.
Пензионерите, пак, се загрижени дека од наредната година нема да можат бесплатно да се возат во автобус во вторник, петок, сабота и недела затоа што нивните обиди да си ги продолжат бесплатните билети и билетите кои ги плаќаат по повластена цена од 300 денари месечно со денови се залудни.
Две недели се обидувам да ја авторизирам картичката за наредната година додека не фатиле гужвите за продолжување на билетите, но не можам. Од билетарниците ми одговараат дека не добиле такво известување од дирекција. Ги прашав дали ќе ни го укинуваат бесплатниот превоз, но не добив одговор освен кревање со рамењата – загрижено ни раскажа пензионерка од Скопје.
Денеска, по зачестените реакции и стравувања на повозрасните жители на главниот град, се огласија и од Партијата на пензионерите од каде што велат дека за пензионерскиот стандард, правото на користење на јавниот превоз е една од најдобрите одлуки за унапредувањето на повеќе сегменти, во не многу светлото пензионерско секојдневие.
Ги повикуваме најодговорните институции во Владата и во Советот на Град Скопје, детално да ги разгледаат и да ги решат сите отворени прашања и проблеми во овој сегмент и да донесат соодветни позитивни и практични решенија, со кои ќе се продолжи со досегашната добра практика за добробит на сите пензионери, но секако и за учениците и студентите во главниот град. Грижата за многубројната, млада и највозрасна популација во Скопје, не е само најдобра долгорочна политичка инвестиција на сите политички субјекти во нашата земја туку тоа претставува и нивна базична обврска за која сите тие се изјаснија во своите политички платформи и предизборни ветувања – соопштија од партијата.
Од ЈСП, како што е „редот“, нема одговор зошто пензионерите сѐ уште не можат да ги продолжат билетите и кога тоа ќе им биде овозможено.
Наскоро, Советот на Град Скопје треба да одржи седница на која меѓу другото на дневен ред би требало да се најдат и субвенциите за ова претпријатие за наредната година, кои се трошат за плати. Колкав ќе биде износот годинава уште не се знае, но сигурно тоа нималку нема да влијае врз намалување на проблемите со превозот чии последиви ги трпат граѓаните.