Австрискиот финансиски систем стабилен, кризите стануваат ново секојдневие
Австриската Финансиска пазарна управа оценува дека финансискиот сектор во земјата останува стабилен и покрај глобалните кризи, а стратегијата на банките за ширење во Централна и Источна Европа се покажала како успешна. Регулаторот предупредува дека нови ризици претставуваат сајбер нападите, криптосекторот и проблематичните кредити за деловни недвижности.
Австрискиот финансиски сектор останува стабилен и покрај глобалните политички и економски потреси, а банките во земјата покажуваат висока отпорност во време на кризи, санкции и неизвесност. Тоа го истакна членката на Управниот одбор на австриската Финансиска пазарна управа, Маријана Кинел, во интервју за австрискитe медиуми, нагласувајки дека стратегијата на австриските банки и осигурителни компании за ширење во Централна и Источна Европа се покажала како успешен потег. Според неа, токму овие пазари денес претставуваат мотор на растот, но и важен фактор за стабилноста на финансискиот систем во Австрија. Кинел предупредува дека светот влегол во период во кој кризите стануваат ново секојдневие, но смета дека австрискиот финансиски систем успева успешно да се справи со предизвиците.
Препорачано
Нови ризици и контрола на санкциите
Кинел посочува дека Финансиската пазарна управа денес има значително пошироки надлежности отколку пред две децении. Кога институцијата била основана во 2002 година, надгледувала спроведување на 17 закони, додека денес таа бројка достигнала 44. Според неа, регулаторите постојано мора да се приспособуваат на нови ризици, особено во областа на дигитализацијата, криптовалутите и сајбер нападите. Таа признава дека криптосекторот во Австрија се развива многу побрзо отколку што очекувале институциите и дека регулаторот мора постојано да гради нови експертизи за да може навреме да реагира.
Еден од најважните сегменти во последниот период е контролата на европските и меѓународните санкции. Од почетокот на годинава Финансиската пазарна управа ја презеде надлежноста за надзор на санкциите кај банките, осигурителните компании и криптофирмите. Во моментов во Австрија има околу 260 замрзнати сметки поврзани со различни санкциски мерки, а најголемиот дел од активностите се однесуваат на руски капитал. Според Кинел, речиси три милијарди евра се блокирани, а најголемиот дел од тие средства им припаѓаат на правни лица, компании и фондации.
Таа оценува дека австриските банки ги исполнуваат обврските поврзани со санкциите и борбата против перење пари. Според неа, системите за контрола се подобрени, а свеста за ризиците е значително зголемена. Кинел потсетува дека и меѓународната организација ФАТФ неодамна дала подобра оценка за Австрија во однос на спречувањето перење пари и финансирање тероризам. Во рамките на модернизацијата, Финансиската пазарна управа работи и на голем проект за дигитализација наречен 360 степени. Целта е на едно место да се обединат сите податоци за банките, осигурителните компании и инвестициските фирми, со што регулаторот би можел побрзо да ги следи ризиците поврзани со ликвидноста, кредитите, капиталот и перењето пари. Кинел смета дека без такви системи институциите нема да можат ефикасно да реагираат во иднина.
Банките профитираат, но опасностите остануваат
Иако Австрија се соочува со економска стагнација и слаб раст, банките повторно бележат високи профити. Кинел нагласува дека финансискиот сектор во моментов е капитално силен и дека експанзијата кон Источна Европа им помогнала на институциите да останат стабилни. Според неа, пазарите во Централна и Источна Европа денес растат побрзо од австрискиот пазар и повеќе не се сметаат за најризичен дел од банкарскиот систем. Таа посочува дека уште од 2023 година нивото на лоши кредити во тие земји е пониско отколку во самата Австрија.
Сепак, според Финансиската пазарна управа, проблем остануваат кредитите за деловни недвижности. Кинел предупредува дека уделот на проблематични кредити во овој сектор достигнува 8,3 проценти, што е значително над посакуваното ниво. Дополнителна загриженост предизвикува фактот што вредноста на гаранциите за овие кредити продолжува да паѓа. Поради тоа, регулаторот бара од банките да создаваат поголеми резерви и да применуваат поконзервативни проценки.
Кинел смета дека светот влегол во период на постојани кризи. Според неа, по пандемијата во 2020 година следувале војната во Украина, кризата на Блискиот Исток, трговските тензии и геополитичките конфликти, поради што финансиските институции мора постојано да бидат подготвени за нови шокови. Таа предупредува и на зависноста од американски технолошки компании, можните последици од сајбер напади, како и ризиците поврзани со развојот на вештачката интелигенција.
Вредно е да се напомене дека Кинел е првата жена која станала член на Управниот одбор на Финансиската пазарна управа во Австрија. Таа посочи дека напредувањето до највисокото раководство било долг и сложен процес, но дека денес со задоволство гледа како жените се сè позастапени на водечките позиции во институцијата. Според Кинел, отворената комуникација и различните перспективи се важни за стабилноста и ефикасното функционирање на институциите во услови на глобална неизвесност.
Таа истовремено одби директно да ја коментира идејата Финансиската пазарна управа да се интегрира во Австриската народна банка, оценувајки дека сегашната соработка меѓу двете институции функционира добро. Според Кинел, сите можни реформи мора внимателно да се разгледуваат, особено затоа што сегашните надлежности се дефинирани и со уставни одредби.


