Aвстриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер и швајцарскиoт колега Ињацио Касис / Фото: EPA/PETER KLAUNZER

Австрија и Швајцарија пред новата геополитичка реалност – како да се остане неутрален во свет во кој сè почесто доминира правото на посилниот?

Австрија и Швајцарија се соочуваат со сe понесигурна меѓународна средина во која традиционалните сојузи и правилата се разнишани. Неутралноста повеќе не значи пасивност, туку активна дипломатија, европска соработка и поголема сопствена безбедносна подготвеност. За малите држави, опстанокот зависи од тоа колку умешно ќе ги бранат принципите во свет каде доминира моќта.

Односите меѓу Европа и САД се наоѓаат во една од најделикатните фази по крајот на Студената војна. Отворените закани, трговските притисоци и релативизирањето на меѓународното право создаваат чувство на несигурност дури и кај традиционалните сојузници. Во таков контекст, малите и неутрални држави како Австрија и Швајцарија се соочуваат со особено сложена задача, како да ги заштитат сопствените интереси, а притоа да останат доследни на принципите на мултилатерализам и дипломатија. Средбата во Виена меѓу австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер и нејзиниот швајцарски колега Ињацио Касис, одржана по повод почетокот на швајцарското претседавање со ОБСЕ, го отвори токму ова прашање, како неутралноста да опстане во свет во кој сe почесто доминира правото на посилниот.

Европа меѓу дијалог и стратешка автономија

Изјавите на двајцата министри јасно покажуваат дека довербата во стабилноста на трансатлантските односи е разнишана. Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд и можните царини против европски држави се доживуваат како неприфатливи и опасни. Австрија, како членка на Европската унија, инсистира на заеднички европски одговор, комбинирајќи деескалација и дијалог со подготвеност да ги брани сопствените интереси. Мајнл Рајзингер нагласува дека Европа мора да стане постратешки автономна и посамостојна во одбраната, процес кој не започнал вчера, туку е веќе во тек.

Швајцарија, иако не е членка на ЕУ, со загриженост ги следи истите трендови. Касис зборуваше за премин од редовен меѓународен поредок кон состојба на регуларна нередовност, каде правилата постојат, но често не се почитуваат. За малите држави тоа значи дека мора да бидат попретпазливи и поподготвени, бидејќи одлуките на големите сили имаат директни последици врз нив, било преку трговијата, безбедноста или дипломатијата. Токму затоа и двете земји вложуваат напор за развој на национални безбедносни стратегии кои треба да дадат долгорочна ориентација, а не постојано да се менуваат според ситуациите на дневно ниво.

Прашањето дали САД се сеуште сигурен партнер останува отворено. Австрија инсистира на продолжување на дијалогот, но истовремено ја става европската соработка во центарот на својата безбедносна политика. Швајцарија, пак, отворено признава дека реалноста е поинаква од порано и дека малите држави мора да научат да се движат во свет каде правните аргументи често имаат помала тежина од политичката моќ.

Неутралноста меѓу принцип и реалност

Посебно чувствително е прашањето за неутралноста. И Австрија и Швајцарија ја сметаат за дел од својот идентитет, но и двете признаваат дека таа не смее да значи пасивност. Касис потсетува дека Швајцарија успеала да ја зачува неутралноста повеќе од четири века, благодарение на флексибилно толкување и активна улога во дипломатијата. Неутралноста, според него, мора да биде корисна за другите, за да биде признаена.

Австрија оди чекор понатаму во критиката. Мајнл Рајзингер предупредува дека под изговор на неутралноста во земјата се појавуваат проруски позиции и пропаганда, што го смета за опасно. За неа, неутралноста не значи молчење пред незаконски агресии, како во случајот со Украина, туку обврска за јасен став во корист на меѓународното право. Таа нагласува дека европската солидарност и заедничката одбрана се неопходни, бидејќи ниту една мала држава не може сама да се заштити во услови на глобална нестабилност.

Во контекст на Иран, двата министри се согласуваат дека насилството врз протестите бара поостар одговор. Австрија поддржува дополнителни санкции и политички сигнали, додека Швајцарија, поради својата улога како заштитна сила за интересите на САД во Иран, се обидува да го задржи дијалогот, иако признава дека ситуацијата е поескалирана од порано.

И покрај блокадите во Обединетите нации и ОБСЕ, и двете земји веруваат дека мултилатералните институции не смеат да се напуштат. Тие можеби се парализирани денес, но можат повторно да станат релевантни утре. За малите и средни држави, тоа се единствените форуми каде нивниот глас може да се слушне.

На крајот, пораката од Виена е јасна. Неутралноста останува, но мора да се надгради со активна дипломатија, регионална соработка и реалистично разбирање на моќта. Во свет каде правилата сe почесто се кршат, Австрија и Швајцарија се обидуваат да покажат дека принципите сe уште имаат вредност, но само ако се бранат со јасна стратегија и сојузништва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот