Австралискиот премиер сака повеќе жени во политиката после најновиот секс-скандал во Парламентот

Премиерот на Австралија Скот Морисон/ Фото: ЕОА

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека сака повеќе жени во парламентот и политиката откако го осуди најновиот сексуален скандал меѓу претставниците на владеачката коалиција, јави Дојче веле.

Морисон своите забелешки ги даде само еден ден откако печатот објави дека неколку членови на неговата коалиција споделувале фотографии и видеа од сексуални акти во Парламентот, а во друг неповрзан случај негова поранешна советничка пред повеќе од еден месец призна дека била силувана.

-Никогаш не било поважно жените да бидат на ова место. Сакам да видам повеќе жени на ова место и дадов се од себе за да привлечам повеќе жени и се обидувам да преземам повеќе активности тоа да го направам, изјави Морисон на прес конференција во парламентот на Канбера.

Австралискиот премиер, кој е многу критикуван од опозицијата и феминистичките групи за непреземање решителни мерки за заштита на жените и чија партија нема родови квоти, вети дека ќе ја „среди оваа куќа” со осуда на „одвратното однесување” на некои мажи во парламентот.

Австралиската телевизија „Канал 10″ вчера објави дека неколку мажи кои работат во владеачката коалиција споделувале фотографии и видеа од нив како имаат секс во парламентот, вклучувајќи и сцени на мастурбација на бироата на пратениците.

Овие факти излегоа на виделина повеќе од еден месец откако поранешната советничка на Либералната партија, Бретани Хигинс, објави дека била силувана од поранешен колега во парламентот, придружена од три други жени кои пријавиле напади и сексуално вознемирување од истиот маж.

Австралискиот обвинител, Кристијан Портер, во текот на овој месец беше обвинет за наводното силување во Сиднеј, сторено пред 32 години врз девојче кое е веќе почината,а била на 16-годишна возраст, иако полицијата го затвори случајот поради недостиг на докази.

Група активисти од партијата на Лабуристите и Зелените денеска истакнаа дека во Парламентот постои „култура на универзална тишина” за време на седниците во Законодавниот дом.

-Една од првите работи што ме научија е дека ако ми се случи нешто, не кажувај ништо, затоа што тоа ќе ти ја уништи кариерата, рече Џорџија Три, која е лабуристички пратеник, во изјава цитирана од локален портал.

Сексуалните скандали ја натераа австралиската Влада на почетокот на март да нареди истрага за парламентарната работна култура, а неа ќе ја води комесарот за сексуална дискриминација Кејт Џенкинс.

Конечниот извештај треба да се појави во ноември, со препораки за промена на работните практики и културата во Парламентот. Минатата недела илјадници Австралијанци излегоа на улиците да демонстрираат против родовата нееднаквост и да ја критикуваат владата за чаинот на владеење по неколку случаи на сексуално насилство во парламентот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот