Арсовска бара директори на ЈСП, „Лајка“ и на „Градски паркинг“: Си заминува ли некој или ќе им се потврдат позициите на актуелните?

Фото: Град Скопје

Ќе има ли повторно смена на луѓето на раководните позиции во јавните претпријатија?Денеска се објавени огласи со кои Град Скопје бара директори на три јавни претпријатија – на ЈСП „Скопје“, на „Градски паркинг“ и на „Лајка“, кои треба да ја менаџираат работата во овие претпријатија во наредните четири години.

Преку огласите што сега се распишани веројатно треба да се потврдат позициите на Крсте Петревски од ЈСП и на Михајло Петровски на „Градски паркинг“, кои во изминативе шест месеци се в.д. директори на овие претпријатија, што е законскиот максимум за функцијата вршител на должност. Очекувано е тие да останат на челните позиции, затоа што едниот е кадар на ГРОМ, партија со која градоначалничката Данела Арсовска има добра соработка, а другиот, како што е познато, е кадар на градоначалничката.

Интересен е огласот објавен за „Лајка“. Дали градоначалничката Данела Арсовска не е повеќе задоволна од работата на активистката Радмила Пешева? Таа раководи со претпријатието задолжено за заловување и хуман третман на бездомни кучиња од минатиот септември, значи цела година, што значи и нејзиното в.д. директорување одамна го поминало законскиот рок, па нејасно е зошто сега се објавува огласот.

Од друга страна, деновиве во јавност проциркулира информацијата дека од почетокот на октомври, генералниот секретар на Град Скопје Зоран Глигоров, ќе седне во директорската фотелја на ЈП „Водовод и канализација“, што е малку веројатно од две причини. Најпрво со Драган Илиевски, кој исто така е човек на ГРОМ, пред неполни два месеца беше склучен менаџерски договор, откако исто како во случајот со денешните јавни огласи, беше распишан оглас за директот. Второ и најважно, Глигоров е десна рака на Арсовска, човек кој е секогаш покрај неа на сите нејзини јавни појавувања и очигледно човек од доверба, па нејасно е зошто би го тргнала од кабинетот и од Град Скопје. Сепак Арсовска и досега многупати изненадила со своите одлуки, па дали подготвува ново „изненадување“ ќе се знае наскоро.

Деновиве градоначалничката информира дека одржала координативен состанок со актуелните директори на јавните претпријатија, на кој се разговарало за проектите за следната година.

Одржавме редовен координативен состанок со директорите на јавните претпријатија на градот Скопје. Сите претпријатија ги креираат програмите за следната фискална година со цел реализирање на проектите од програмата “За модерно Скопје”. Со консолидација и подобрување на финансиските и оперативни параметри за квалитетна испорака на услугите за граѓаните, продолжуваме да работиме посветено на целосно остварување на програмата – соопшти Аерсовска.

На споделената фотографија од состанокот ги немаше двете директорки, Радмила Пешева на „Лајка“ и Косана Мазнева на „Комунална хигиена“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот