Архитектите: Порта Македонија мора да се урне!

Кога имате власт мора да имате и одговорност. Владата мора да донесе одлука, ако не го руши објектот, да каже јавно, и никој повеќе да не се занимава со ова прашање, или ако реши да го руши, тоа да го направи, а не да чека некој друг да го направи, и да ја понесе одговорноста, вели Мартин Пановски.

Употребната вредност на Порта Македонија е нула и мора да се сруши, вели за Слободен печат Мартин Пановски, претседател на Асоцијација на архитекти.

– Порта Македонија мора да се сруши, овој објект има употребна вредност нула и се уште не е направена економска анализа за потрошените, односно украдените пари за изградбата на овој објект кој е срам за архитектите. Владата и Општина Центар мора да имаат усогласен став околу ова прашање, а од одговорност не смее да бега никој. Кога имате власт мора да имате и одговорност. Владата мора да донесе одлука, ако не го руши објектот, да каже јавно и никој повеќе да не се занимава со ова прашање, или ако реши да го руши, тоа да го направи, а не да чека некој друг да го направи и да ја понесе одговорноста, вели Мартин Пановски.

Пановски беше член на работна група за изработка на анализа за реализацијата и последиците од проектот „Скопје 2014”, од истата си даде отставка откако Владата не го зеде во предвид елаборатот со кој се бара да се отстрани споменикот на Мајка Тереза.

– Доколку не почнат да се рушат спомениците и фасадите од „Скопје 2014“, јас тоа ќе го сфатам како порака дека и оваа влада го признава проектот „Скопје 2014“.  Дебата за оваа тема не треба да има бидејќи ставот на Асоцијацијата на архитекти е јасен уште од 2010 година, и истиот е непроменет, додава Пановски.

Премиерот Зоран Заев порача да не се руши Порта Македонија

Премиерот Зоран Заев кажа дека мислењето дадено од Владата до Општина Центар не укажува дека треба да се руши кој било од објектите, туку било препорака ДУП-от да се разгледа и усогласи со мислењата дадени од самите стручни комисии формирани од извршната власт.

„Објектот Порта Македонија не попречува пешачки, ниту моторен сообраќај. Низ уличната мрежа секојдневно минуваат пешаци и возила односно има непречена комуникација“, рече Заев.

Професорот Љубомир Фрчковски, познат по најавите дека со француски клуч ќе ги руши спомениците од Скопје 2014,  ја разбира Владата која ретерира по однос на рушењето, затоа што според него, не сака да предизвика протести, но се уште е за уривање на спомениците и ја поздравува одлуката на Општина Центар за порадикално расчистување на, како што вели споменичкиот кич.

– Темата за рушење не била директно отворена, можеби мора да живееме со тоа. Aко веќе не можат да се срушат, треба да се направи проценка за да се спасат објектите од нивната одвратна присутност. Постојат уметнички интервенции, како на пример за Порта Македонија, може да се интрервенира давајќи ги на авангардни уметници, кои на објектот ќе му дадат друг изглед, вели Фрчковски.

За потсетување, претходно беше објавено дека Владата на Македонија доставила барање до општина Центар од новиот детален урбанистички план „Мал ринг“ да се избришат маркичките на Порта Македонија и споменикот на Мајка Тереза.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот