АПИС со запис
Во Северна Македонија, со околу 1,8 милиони жители, минималната месечна плата изнесува околу 24 илјади денари, а минималниот влог во објектите за коцкање во просек е околу 10 денари. Тоа значи дека македонски граѓанин може да направи приближно 2.400 вртења на рулет со една минимална месечна плата. Така, држава со една од најниските минимални плати во Европа им овозможува на своите граѓани поголем обем на коцкање отколку Монако, симбол на европскиот гламур, ред и високи стандарди.
Пред извесно време пишував за развојот на таканаречената „култура“ на спортското и класичното обложување во Македонија и за длабоките општествени штети што еден широко достапен порок ги произведува – со формален надзор на државата. Во таа колумна направив споредба меѓу бројот на физички објекти за обложување и бројот на основни и средни училишта во земјава, со цел да ја потенцирам изложеноста на младите кон оваа појава.
Препорачано
Пред неколку денови, претседателот на АПИС Горан Стоименов објави лоби-колумна, во која го коментира новиот Закон за пушење и неговиот потенцијален ефект врз страсните пушачи. Но тој текст служи и како вовед за напад врз, како што самиот ги нарекува, „дежурните дефетисти“ кои, цитирам, „не пропуштаат да ги вовлекуваат и игрите на среќа во оваа дебата за Законот за пушење и кои, без соодветни аргументи и заради одредени исклучоци, целата индустрија на топтан ја ставаат на врвот на општествени штетници“.
„Дежурните дефетисти“ прераснаа во универзална реторичка етикета со која во оваа држава се неутрализира секоја критика на процеси што и без сложени анализи се очигледно штетни – какви што се достапноста и континуираната изложеност на коцкањето. Тоа што овој порок се поврзува со пушењето, а оттаму тргнува колумната на Стоименов, не е случајност.
Понатаму во колумната, Горан Стоименов како пример за држава со добро регулиран систем за пушење и коцкање го наведува Кнежевството Монако, кое, цитирам, „важи за симбол на европски гламур, ред и високи стандарди“. Под тезата дека дел од критичката јавност „упорно сака да направи паралела меѓу регулирањето на пушењето во јавните простори и легалното приредување игри на среќа“, Стоименов понатаму тврди дека актуелниот закон за игри на среќа е еден од најрестриктивните на Балканот.
Кога станува збор за младите, тој укажува на кампањата на АПИС „Забрането за малолетни лица – 100% законски“, како и на донации во вредност од над 300 милиони денари, насочени кон развој на здрава и спортска младина. Колумната ја заокружува со нагласување на високите технички и регулаторни стандарди што важат за легалните објекти за игри на среќа, вклучително и за апаратите за играње.
Како централна поента, Стоименов предупредува дека при носењето нови закони треба да се внимава на нивната спроведливост, со ставот дека, цитирам, „најдобар закон е оној што се спроведува, а не оној што уште од самата замисла е спротивен на менталитетот и на навиките на нашите граѓани“.
Пред да започнам со дисекција на овој текст, вреди да се напомене дека дури и во рамките на лоби-аргументацијата, тој останува под нивото на аналитичка и компаративна прецизност што ја бара јавната дебата. Во таа смисла, текстот ја покажува комфорноста на оваа бизнис-гранка, која се храни токму од нормализацијата на сопственото ширење во јавниот простор.
Сега, прво за аналогијата помеѓу Монако и Македонија. Монако има точно четири казина – огромни, луксузни објекти, лоцирани во срцето на Француската ривиера. Коцкањето таму е дел од туризмот и уживањето, односно има форма на забава за оние што можат да си ја дозволат. Други објекти со слична намена нема.
Во Македонија, покрај големи казина како оние кај Гевгелија, на излезот од државата, процената врз основа на јавно достапните податоци е дека постојат над илјада физички објекти со апарати за играње и рулет. Покрај тоа, во објектите за спортско обложување дополнително се поставени уште илјадници апарати за играње, што ја зголемува нивната просторна и секојдневна присутност. Од тетовската „ривиера“, покрај регионалниот пат кон Јажинце, преку плоштадот на главниот град, па до речиси секое населено место во државава, апаратите за коцкање се постојано присутни и лесно достапни. Достапни до таа мера што прераснаа во маалски обложувалници – исто толку вообичаени и секојдневни како маалските бурекџилници.
Во Монако, со нешто под 40 илјади жители, минималната месечна плата изнесува околу 1.800 евра. Во казината, минималниот влог во просек изнесува околу едно евро. Тоа значи дека жител на Кнежевството, доколку сака, може да направи околу 1.800 вртења на рулет со една минимална месечна плата.
Во Северна Македонија, со околу 1,8 милиони жители, минималната месечна плата изнесува околу 24 илјади денари, а минималниот влог во објектите за коцкање во просек е околу 10 денари. Тоа значи дека македонски граѓанин може да направи приближно 2.400 вртења на рулет со една минимална месечна плата.
Така, држава со една од најниските минимални плати во Европа им овозможува на своите граѓани поголем обем на коцкање отколку Кнежевството, симбол на европскиот гламур, ред и високи стандарди.
Во Кнежевството не се коцкаат неговите жители, туку туристи и посетители. АПИС ѝ должи на јавноста одговор дали македонскиот модел функционира на ист принцип.
За да се разбере европскиот регулаторен контекст, доволна е една едноставна споредба. Во непосредното соседство на Монако, Франција има околу 200 казина, додека Италија – држава со речиси 60 милиони жители – има само четири. Овој урнек го следат речиси сите останати европски држави. Она што го регулираат во суштина е достапноста на коцкањето.
Северна Македонија го следи урнекот на дел од балканските држави, каде што коцкањето е вградено во општеството како секојдневен социјален елемент. Тука, пред сè, станува збор за спортското обложување во комбинација со апаратите за играње.
Според одредени проценки, во Босна и Херцеговина, со популација од околу 3,3 милиони жители, постојат приближно 2.300 објекти за коцкање, додека Србија, со население од околу 6,6 милиони жители, има околу 2.900 вакви објекти.
Пресметано по глава на жител, на секои 10 илјади жители, Босна и Херцеговина има околу 7 објекти за коцкање, Македонија околу 6, а Србија приближно 4,5.
Бидејќи е многу модерно земањето пример на други европски држави со „поразвиени општества“ за разноразни појави, скандинавските држави имаат приближно, околу нула вакви објекти по глава на жител.
Што се однесува до слоганите за младите и коцкањето, доволно е да се погледнат податоците. Според истражувањето „Младите и нивните навики за обложување“, спроведено со 214 млади во Македонија, 71 % изјавиле дека веќе играле игри на среќа, додека 17,8 % се идентификувале како зависни од коцкање, а половина од испитаниците играат секојдневно.
Како некој што бил дел од таа генерација, ја познавам многу добро таа паралелна реалност. Здравите навики кај младите не можат да произлезат од програми финансирани од индустрија што профитира токму од нивната изложеност на порок.
Што се однесува до аргументот за „менталитетот“ во овој контекст, станува збор за удобно алиби кое ја заменува последицата од изложеноста на овој порок со наводната причина за неговата појава. За да се разбере тоа, доволно е да се погледне дваесетина години наназад, кога коцкањето не беше масовно достапно, а граѓаните не беа активни коцкари во обемот што го гледаме денес.
За крај, едно директно прашање до Горан Стоименов: ако навиките и „менталитетот“ на Балканот се такви какви што се, како тогаш да ја именуваме индустријата што свесно гради профит врз нив и од пороците претвора бизнис-модел?
(Авторот е молекуларен биолог)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


