„Антолог“ ја објави збирката раскази „Крунски панагон“ од Горан Тренчовски

Книгоиздателството „Антолог“ од Скопје ја објави книгата со кратки раскази „Крунски панагон“ од авторот Горан Тренчовски. Со поднаслов „Белешки на уметникот што се качува по пирамиди“, „Крунски панагон“ е книга со хибридни микрофикции напишани под влијание на прозите на Бекет, Борхес, Кафка, Кено, Киш, Кортасар, Хармс, со самосвоен раскажувачки стил и возбудлива кинестетична атмосфера.
Во поговорот од книгата, Мимоза Рајл напиша: „…ова е дело во кое заедно ги сонуваме соништата на уметникот, пливајќи во длабоките мистични води на раскажувањето, онаму каде што ние обичните луѓе немаме пристап, предочувајќи ни восхитувачки сцени од некои далечни и волшебни светови“.
Горан Тренчовски е писател и режисер со искуство во сите медиуми. Потписник е на повеќе ТВ и кино филмови и театарски претстави, како и автор на десетина книги со есеи и студии за книжевноста, филмот и драмата.
Основач и уметнички директор е на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. По светската премиера на Филмскиот фестивал „Реинденс“ и по добиената награда во Кардиф за неговиот игран филм „Златна петорка“, со кој го обиколи светот, останува да живее и работи во Велика Британија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 151, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-24 октомври 2022)