Антифашистички настан се одржа во дворот на Министерството за култура

На настанот, што се одржа на 18 октомври во дворот на Министерството за култура, министерката за култура Ирена Стефоска, пожелувајќи им добредојде на дел од наследниците на, како што рече, големите луѓе, антифашисти, рече дека тие знаеле колку се важни непокорот и слободата во битката и во закрепнувањето на татковината, а јубилеите служат „да нè потсетат дека историјата се учи за да не се заборави, за никогаш да не се повтори“.

„Осумдесетгодишнината од првиот истрел за слобода е чин за длабока почит и длабок поклон. Отпор достоен за незаборав. Ова е најмалку што Министерството за култура може да го направи во спомен на оние што со пушка ја создаваа, а потоа и ја одржаа националната култура жива, а со тоа, и сите нас нè одржаа во живот“, рече министерката за култура, Ирена Стефоска, на настанот со наслов „80 години од првиот истрел – култура и уметност = непокор“.

„Длабок поклон и почит кон сите поети, писатели, сликари, глумци, музичари… Кон сите уметници што се приклучија во Народноослободителната и антифашистичка борба и ги запишаа, секој низ својот потпис, и болката и бесот и радоста и величественоста на партизанската одисеја. Зборот е истрел, но и истрелот е збор“, рече Стефоска.

Ирена Стефоска, министерка за култура

Таа ги поздрави и присутните актери од неповторливиот и поучен македонски филм „Истрел“ – филм инспириран од вистински настани за време на бугарската фашистичка окупација. На оние што, пак, од оправдани причини, не можеа да дојдат, им пожела добро здравје и долг живот, зашто, како што рече, „тие ни се потребни, тие се нашите сведоци, нашите учители“, известија од Министерството за култура.

Министерката Стефоска потсети дека во минатото цивилизации пропаѓале, држави се распаѓале, територии се грабале, народи се асимилирале, но никој не успеал да ја уништи културата затоа што во културата беше силата на оние што се осмелија да му речат НЕ на злото, да му речат НЕ на окупаторот, кој првин посегнува по територијата, а потоа по културата, по нашиот идентитет.

„Долга е историјата на македонската борба за слобода. Од ’Т’га за југ‘, преку ’Тешкото‘, од ’Бели мугри‘ до ’Волчја ноќ‘, ’Очи‘, ’Црнила‘, ’А бре, Македонче‘, ’Пиреј‘, ’Диво месо‘… чиниш, сета наша историја е во овие наслови. Македонската култура е многу поголема од нашата држава и од траењето на нашите животи“, порача Стефоска.

На настанот „80 години од првиот истрел – култура и уметност = непокор“, пијанистот Бобан Мирковски ја изведе композицијата „Свита за пијано“ од еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика од минатиот век, Томислав Зографски.

Студентите од Факултетот за драмски уметности, од класата на професорката Зоја Бузалковска, изведоа мини претстава со извадоци од Манифестот на АСНОМ, преведени на повеќе јазици, а публиката ја потсетија и на малку подзаборавената песна отпеана од големите Сенка Велетанлиќ и Зафир Хаџиманов, песната за Стив Наумов.

Калина Малеска

Писателката и професорка Калина Малеска – внука на истакнатиот македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер, автор на сценариото на првиот македонски филм „Фросина“, автор на текстот на македонската химна, Владо Малески – раскажа помалку познати факти за тоа како и каде настанала песната „Денес над Македонија“.

Архитектот Бујар Муча – син на еден од најмладите учесници во НОБ, Феми Муча – сподели сеќавања за својот татко чие детство било прекинато со војната, а тој од 13 години продолжил во Револуцијата.

Аудиовизуелно дело „80 години од првиот истрел – култура и уметност = непокор“

Финале на настанот беше аудиовизуелното дело „80 години од првиот истрел – култура и уметност = непокор“. Делото ги опишува борбата и ослободувањето од фашизмот на нашата држава, мрачните времиња, но и желбата за слобода. Претставен е и културниот напредок како темел во борбата за ослободување и градење на современата македонска култура. Делото е продуцирано со 3Д-мапирање. Режисер и автор е професор Милчо Узунов, а во видеопродукција на „3Д Проект студио“ од Скопје. Делото е составено од повеќе компонирани музички нумери диференцирани во два дела, а нивен автор е реномираниот македонски композитор Кокан Димушевски, соопштија од Министерството за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот