Анти коцкање бара итно изгласување на Предлог законот за игри на среќа, АПИС вeли 10.000 лица ќе останат на улица

Тетово, „македонски Лас Вегас“ / Фото: Слободен печат, Елисавета Бејкова

Бараме што поскоро да се изгласа Предлог законот игри на среќа оти во меѓувреме додека чекаме пратениците да гласаат за него, во Тетово се отвораат се повеќе нови казина и обложувалници, велат од Здружението Анти коцкање. Оттаму истакнаа дека загрижува фактот што ваквите објекти каде се приредуваат игри на среќа се покрај воспитно-образовни институции. Законот е поминат во собраниските комисии, останува уште пратениците да гласаат за него.

„Имаше задоцнување околу изгласувањето на законот поради некои законски измени поврзани со коридорите, но тие поминаа и сега бараме овој закон да не се оддолжува. Да не прават дневна политика со овој закон, да помине како што треба да помине. Овој закон во пракса мора да се спроведе, ние ќе бидеме чувари на овој закон за да се спроведе. Состојбата е лоша, секој ден се отвораат нови фирми. Се затвораат локали за прехрамбени производи се отвораат казина и обложувалници. Затоа го бараме овој закон, за да се почне од негде, за да запре оваа лоша ситуацијата. Децата одат во казино да не одат децата во казино, нема да ги отвораат овие објекти пред училиштата. Нашата цел е овие објекти каде се приредуваат игри на среќа да ги одддалечиме од децата, вели Јуши Емурлаи од Здружението Антикоцкање.

Оттаму обвинија дека во последно време ВМРО-ДПМНЕ го кочи донесувањето на законот.

„Постапката во однос на изгласувањето на законот за игри на среќа е веќе при крај, таа поминала во двете комисии. Сега очекуваме за кратко да се изгласа во Собранието. Јас би ги повикал пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да размислат малку што прават, овој закон не е наш предлог, но ние не го попречуваме оти сакаме од некаде да почнеме, па дополнително понатака ќе дејствуваме да можеме да ги одалечиме игрите на среќа од градовите. Партиите прават дневна политика со законот, тој ги поминал сите филтри со Европско знаме и време е да се најде на дневен ред во Собрание. Сите филтри и комисии се поминати, останува само добра волја да се изгласа. Затоа ги повикуваме сите пратеници да го гласаат законот, додава Емурлаи.

Со изгласувањето на законот ќе се стави клуч на овој сектор, а 10 000 луѓе ќе останат без работа, обвинуваат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.

„Предлог измените кои што се во постапка и дистанцата која е ставена како предлог, значи затворање на економската дејност игри на среќа.Со законските измени покрај другите предлог измени се става определена дистанца која одредува да не се отвораат вакви објекти покрај училишта. Од тие причини имајќи ја предвид структурата на градовите, тоа значи дека во градските подрачја нема да можат да се организираат вакви игри на среќа, кои се организираат легално со лиценци. Од оваа дејност на годишно ниво во буџетот на Македонија влегувааат 380 милиони евра, а активно се вработени 10 000 млади луѓе, а индиректно бенефит од оваа дејност има над 50 000 луѓе. Со овие предлог измени ќе се затвори 70 до 80 % од оваа индустрија“, изјави Горан Стоименов од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа АПИС.

Оттаму велат дека се подготвени да разговараат за нови законски решенија околу игрите на среќа, но и тие како Асоцијација да бидат вклучени во процесот.

„Ние сме отворени за дискусија и за евентуални измени на Законот за игри на среќа, но тоа подразбира да бидеме активни вклучени во предлог измените, да можеме да предлагаме и искуства од други земји. Начинот на кој што овие предлог измени се изготвуваат сметаме дека имаат некоја позадина и не сакаат да се задоволат потребите ниту на тие кои се за, ниту на тие кои се против игрите на среќа“, додава Стоименов.

Новиот Предлог законот за игри на среќа, предвидува казината и обложувалниците, да бидат одалечени од училиштата најмалку 500 метри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот