Анета Николова: Како до воспитано и социјализирано куче

Анета Николова, доктор по ветринарна медицина, ни објаснува како нашето куче да го воспитаме и социјализираме.

Чувањето куче како миленик, не е повеќе само чување куче. Тоа станува култура на живеење, доказ за еден поинаков стандард на живеење и поинакво вреднување на животот. Кучето денес станува дел од семејството.  Ако порано беше наменето за чување на имот, лов или едноставно да се вртка по двор, денес тоа е сè почесто член на семејството и тоа еден од најразмазените.

Долго време се залагам за воспоставување на задолжителни  „PUPPY CLASSES“  и кај нас, во нашата земја, со кои ќе се постигне секое куче да помине низ една основна обука, односно воспитување за добро однесување.

Но, како да постигнете хармонија во функционирањето и живеењето во една урбана средина и со денешниот брз начин на живот?

– Тоа не  е едноставен процес. Во развиените земји постојат правила и прописи за чувањето и одгледувањето на кучиња, кои покрај основната заштита на здравјето и благосостојбата на животното, обврзуваат и за задолжителна социјализација и воспитување на кучето. Неретко сте биле сведоци на побегнати кучиња, пуштени од поводник- кои не почитуваат никакви команди од сопственикот, па дури и агресивни единки кои нападнале човек или друго куче. Сè тоа се должи на несериозниот пристап и немањето на кинолошка култура на сопственикот-држател на куче. Навистина долго време се залагам за воспоставување на задолжителни  „PUPPY CLASSES“  и кај нас, во нашата земја, со кои ќе се постигне секое куче да помине низ една основна обука, односно воспитување за добро однесување. Истовремено и секо сопственик кој ќе биде задолжен да ја помине оваа обука, понатаму ќе биде доволно едуциран и запознаен со сите свои обврски што ги носи чувањето на куче, па гореспоменатите немили настани ќе ги сведеме на минимум. Во постојана комуникација сум со колегите од Агенцијата за храна и ветеринарство кои работата на оваа тема и искрено се надевам дека ова ќе профункционира наскоро. Социјализацијата на едно куче започнува од најмала возраст, а најважна за пријателската настроеност кон луѓе е позитивно изложување на луѓе во критичниот период на социјален развој на кучето и тоа во периодот од 4-10 недела по раѓањето. Понатаму тоа куче треба да биде запознаено со околината, други кучиња, сообраќај, ветеринарот, други луѓе, особено деца и се она што ќе биде негово секојдневно опкружување.  Истовремено треба да ги почитува и слуша командите на својот сопственик, односно мирно да се движи на поводникот, да прифаќа носење на маска и мирно да прифаќа други кучиња и луѓе.  Сè ова се постигнува со заангажираност на сопственикот, навреме да посети бихевиорист и да поработи на воспитувањето на своето куче.

Знам да се нашалам, не добивате упатство за употреба и далечински управувач кога ќе си го земете кучето од дресер.

Дали дресурата од „трето лице“ ги дава посакуваните резултати?

– Праксата да се остава кучето негде на дресура не ги дава посакуваните резултати.  Дресурата е само механичко учење на команди без решавање на соодветни проблеми во однесувањето на кучето и тоа без присуство на сопственикот. Така сопственикот и кучето не се поврзуваат доволно и не се постигнуваа таа врска за взаемна комуникација и почитување, како и послушност на кучето кон сопственикот. Знам да се нашалам, не добивате упатство за употреба и далечински управувач кога ќе си го земете од дресер. Како ќе ги почитува вашите комади ако вие не работите со него? Како ќе знаете како да постапите и како да побарате нешто ако воопшто не сте работеле со кучето? Тоа не е компјутер туку живо и интелигентно суштество кое точно знае кого треба а кого не мора да го послуша. Ако не воспоставите една хармонична врска што се постигнува само со работа со кучето, вие нема да можете убаво да живеете со него, туку ќе ви биде мачна обврска. Таквите кучиња најчесто завршуваат на улица, па имаме толку улични и напуштени кучиња.

Уште една важна обврска на сопственикот е да го собира и соодветно отстранува изметот од своето куче од урбаните површини. Тоа е ваша обврска луѓе! Не дозволувајте да се шират зарази и паразити на тој начин. Така сите ќе бидеме по заштитени и ќе имаме почиста околина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот