Андреј Митевски: Каменот не дозволува премислување и несигурност

Повеќе од 20 години скулпторот Андреј Митевски својот светоглед го изразува со скулптури изработени во камен, материјал што истовремено е и нежен и фрагилен.

Цела галерија новосоздадени скулптури создадени од камен може да се најде на фејсбук-профилот на Андреј Митевски. На дел од фотографиите е нагласено „работа во прогрес“, што значи дека авторот интензивно го користи овој период за креација на нови дела. Скулпторот Андреј Митевски дипломирал и магистрирал на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, а знаењата и вештините за работа во камен ги стекнал кај прославениот професор Драган Попоски – Дада.

Покрај самостојните, има учествувано на бројни групни изложби и интернационални симпозиуми за скулптура. Делата што ги создал се резултат на инспирацијата, посветеноста, но и на секогаш присутната мотивација од светот што го опкружува.

– Скулптурите што ги создавам претставуваат непрекинат процес на активно трагање по формата и содржината која ја опишувам. Мотивациите што ги имам се секогаш присутни во мојот процес на креација, која е инспирирана од животот, но и од фантазијата. Според тоа, моите скулптури претставуваат светоглед на сѐ што ме опкружува. Се осврнувам нанадвор, но трагам и во својата внатрешност. Сѐ е мотив и сѐ е возбуда во креативното. Нема почеток и крај. Сѐ е процес.

Според Митевски, каменот како материјал има своја историја и своја меморија. Носи свои емоции, своја структура и како таков го заслужува неговиот респект и мотивација токму во тој материјал да се изразува, да ги преточи своите мисли и емоции во форма.

– Моделирањето во камен има некоја своја убавина, свој пристап што е уникатен. Тој не дозволува премислување и несигурност и затоа е искрено директен и уникатен. Затоа и ми се допаѓа. Но, во исто време, е и нежен и фрагилен. Како животот. Таа порака ја носам во сите мои дела и на тој начин пробувам да го заробам времето, да го претставам во игра на форми кои се движат и поигруваат. Животот е само игра – открива Митевски.

Андреј Митевски во процес на работа

Моментите на социјална изолација за него не претставуваат проблем, бидејќи во процесот на работа е опкружен со поинакви хоризонти.

– Секогаш сум создавал во една интимна средина каде што во моментот на работа светот не постои, тој е присутен, но надвор од ателјето. Тој апсолутен ескапизам ми дава мир и трезвеност да го кажам тоа што го мислам или чувствувам од една објективна дистанца, каде што нема друга емоција освен љубов. Сметам дека само љубовта е нашата вистинска вредност. Таа ме води да создавам и да продолжам напред – потенцира Митевски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 25, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот