Американскиот Сенат усвои закон кој ги штити хомосексуалните бракови

САД и ЛГБТИ+ знаме/ Фото Priakhin Mikhail / Alamy / Alamy / Profimedia

Американскиот Сенат синоќа го усвои нацрт-законот за заштита на истополовите бракови низ САД, мерка што доаѓа како одговор на загриженоста дека Врховниот суд може да ја поништи одлуката од 2015 година за легализирање на истополовите бракови на национално ниво.

Нацрт-законот, со кој се бара од федералната влада да го признае бракот доколку е легален во државата каде што се одржал, треба да биде бекстоп доколку Врховниот суд пресуди против истополовите бракови.

Мерката нема да им забрани на државите да блокираат истополови или меѓурасни бракови доколку Врховниот суд им го дозволи тоа. „Денес, долгиот, но неуморен марш кон поголема еднаквост оди напред“, рече лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер.

„Со усвојувањето на овој предлог-закон, Сенатот испраќа порака што секој Американец треба да ја слушне: без разлика кој сте или кого сакате, и вие заслужувате достоинство и еднаков третман според законот“, додаде тој.

Законот доби 61 глас, еден повеќе од потребните 60 за негово донесување. Против беа 36 сенатори. Дванаесет републиканци им се придружија на 49 демократи во поддршката на законот. Еден демократ, Рафаел Ворнок од Џорџија, беше отсутен, како и двајца републикански сенатори.

Сличен, но не идентичен предлог-закон беше усвоен во Претставничкиот дом на почетокот на годинава со поддршка на 47 републиканци и сите демократи. Претставничкиот дом треба да ја одобри верзијата на Сенатот пред да биде испратена до претседателот Џо Бајден за да го потпише законот.

Околу 568.000 венчани истополови двојки живеат во Соединетите Држави, според Бирото за попис на САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот