Америка се спрема за можни повеќенеделни воени операции против Иран
Американски владин претставник посочи дека САД целосно очекуваат Иран да возврати доколку го нападнат, што би довело до размена на удари и одмазднички акции во подолг временски период.
Американската војска се спрема за можноста од долготрајни, повеќенеделни операции против Иран доколку претседателот Доналд Трамп нареди напад, изјавија за „Ројтерс“ двајца американски владини претставници. Според нив, таквото сценарио би можело да прерасне во далеку посериозен конфликт отколку досегашните судири меѓу двете земји.
Препорачано
Обелоденувањето на овие планови, за кои официјалните лица зборувале анонимно поради чувствителноста на темата, дополнително ги зголемува влоговите за тековните дипломатски напори меѓу САД и Иран.
Американски и ирански дипломати минатата недела одржаа разговори во Оман во обид да ја обноват дипломатијата околу нуклеарната програма на Техеран, откако Трамп распореди значителни воени сили во регионот, што ги засили стравувањата од нова воена акција.
„Понекогаш мора да има страв“
Американски официјални претставници во петокот соопштија дека Пентагон испраќа дополнителен носач на авиони на Блискиот Исток, со што во регионот ќе пристигнат уште илјадници војници, борбени авиони, разурнувачи со наведувани ракети и друга воена моќ способна и за напади и за одбрана.
Трамп, обраќајќи им се на американските војници во петокот во база во Северна Каролина, изјави дека „било тешко да се постигне договор“ со Иран.
– Понекогаш мора да има страв. Тоа е единственото нешто што навистина може да ја реши ситуацијата – рече Трамп.
На прашање за подготовките за потенцијално долготрајна воена операција против Иран, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави дека „претседателот Трамп ги има сите опции на маса во однос на Иран“.
– Тој ги слуша различните гледишта за секое прашање, но конечната одлука ја носи врз основа на тоа што е најдобро за нашата држава и за националната безбедност – додаде Кели.
Пентагон одби да коментира за ситуацијата.
САД лани испратија два носачи на авиони во регионот, кога извршија напади врз ирански нуклеарни локации. Сепак, јунската операција наречена „Ноќен чекан“ во суштина била еднократен напад, при што стелт-бомбардери полетале од САД за да ги погодат иранските нуклеарни постројки.
Иран потоа изврши многу ограничен возвратен напад врз американска база во Катар.
Иранска телевизија објави „листа за отстрел“ на израелски функционери
Америка може да ги таргетира иранските државни и безбедносни објекти
Овој пат планирањето е далеку покомплексно, наведуваат официјалните извори. Во рамки на долготрајна кампања, американската војска би можела да ги таргетира и иранските државни и безбедносни објекти, а не само нуклеарната инфраструктура, изјави еден од официјалните претставници, без да наведе дополнителни детали.
Експертите предупредуваат дека ризиците за американските сили би биле значително поголеми во евентуална операција против Иран, кој располага со сериозен арсенал на ракети. Иранските возвратни напади дополнително го зголемуваат ризикот од поширок регионален конфликт.
Истиот извор посочи дека САД целосно очекуваат Иран да возврати, што би довело до размена на удари и одмазднички акции во подолг временски период. Белата куќа и Пентагон не одговорија на прашањата за ризиците од одмазда и можноста за регионална ескалација.
Трамп повеќепати се закануваше дека ќе го бомбардира Иран поради неговата нуклеарна и балистичка програма, како и „поради репресијата врз внатрешните протести“. Во четвртокот предупреди дека алтернативата на дипломатско решение би била „многу трауматична“.
Иранската Револуционерна гарда предупреди дека, доколку има напади врз иранска територија, ќе возврати со удари врз сите американски воени бази. САД имаат бази низ Блискиот Исток, вклучително во Јордан, Кувајт, Саудиска Арабија, Катар, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и во Турција.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во средата се сретна со Трамп во Вашингтон, изјавувајќи дека евентуален договор со Иран „мора да ги содржи елементите што се од витално значење за Израел“.
Иран, од друга страна, соопшти дека е спремен да разговара за ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, но категорично отфрли поврзување на ова прашање со ракетната програма.
Сателитски снимки откриваат: Иран го зајакнува подземниот комплекс покрај нуклеарна постројка


