Алкараз: Ја гледам титулата и првото место на АТП ранг-листата

Фото: EPA-EFE/CJ GUNTHER

Карлос Алкараз стана вториот тинејџер што обезбедил пласман во финалето на УС опен во опен ерата, придружувајќи му се на легендарниот Пит Сампрас кој во 1990 година ја освои титулата со само 19 години и 28 дена.

Шпанецот со првото гренд слем финале во кариерата дојде со победата над Френсис Тиафо во пет сета.

– Во полуфиналето на еден гренд слем треба да дадете се од себе, треба да се борите до последниот поен. Не е важно дали ќе играме пет или шест часа. Мора да давате се што имате во секој момент – рече Алкараз кој три меча по ред ги доби во пет сета. Пред Тиафо, Алкараз со 3:2 во сетови ги совлада Марин Чилиќ во осминафиналето како Јаник Синер во четвртфиналето.

Сега во финалето го чека 23-годишниот Норвежанец Каспер Руд, кому ова му е второ гренд слем финале, а победникот в понеделник ќе стане прв тенисер на АТП ранг листата.

– Неверојатно е да имаш шанса да се бориш за големи работи. Ја гледам позицијата број 1 пред мене, но во исто време, тоа е доста далеку. Имам уште еден меч против играч кој е неверојатен. Ќе дадам се што имам. Ќе морам да се носам со притисокот, но очигледно сум многу, многу среќен, ќе се обидам да уживам во моментот и ќе видиме што ќе се случи – дидаде Алкараз.

Американецот Френсис Тиафо кој ги освои срцата на навивачите, едвај ги задржа солзите по поразот од Алкараз.

– Се чувствувам како да сум ги изневерил сите. Ќе се вратам и ќе победам. Простете ми овој пат – рече Тиафо.

Противник на Алкараз во финалето ќе биде Каспер Руд кој со 3:1 во сетови го победи Карен Качанов.

– Пресреќен сум, двајцата бевме малку нервозни на почетокот, но тоа е нормално. За него, како и за мене, тоа беше најважниот меч во мојата кариера. За среќа, го освоив првиот сет, и одиграв феноменално. во вториот и четвртиот сет – рече Руд.

Финалето на машкиот турнир ќе се игра в недела 22 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот