Александар Васовски зборува за кризата во најтрофејниот фудбалски клуб: Можно е Вардар да не учествува во првенството

Долго се знаеше дека клубот не плаќа, дека тоне во долгови и слично. Сите си молчеа, никој не реагира, а сега кога проблемот ескалира максимално, може да биде веќе и доцна, вели тренерот

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар многу е веројатно да не учествува во Првата македонска лига што започнува на 9 август, вели неговиот тренер Александар Васоски.

Клубот не ги започнал подготовките, моментно е обременет со проблеми, огромни долгови, недефиниран сопственички статус, па иако е шампион на Македонија, неговиот опстанок како клуб е доведен во прашање.

Неодамна фудбалерите на Вардар упатија јавен апел за спас на клубот и ја искажаа својата огорченост од односот на сопственикот, управата и тоа како институциите во земјава го третираат колективот според кој се распознава македонскиот фудбал. Го прашавме тренерот Александар Васоски дали е можно шампионот да не учествува во Првата лига претстојната сезона?

– Не знам што да кажам. Многу е веројатно. Ако нема екипа, ако нема спонзор… Фудбалерите преку суд ќе си ги барата парите и со самата постапка, клубот… Не ги знам до детали правилата. Дали можеби со младинска екипа би можел да учествува. Можно е да не учествува во лигата. Ако пропадне како правно тело има шанса да се префрли во четврта лига. Тешко и дека ќе започнеме со подготвки. Нема решение на повидок – вели Васоски кој го коментира и неодамнешниот апел на фудбалерите на Вардар.

фото: fkvardar.mk

– По апелот се разбуди македонската спортска јавност. Многумина упатуваат апели до надлежните, односно до Град Скопје и до потенцијалните инвеститори. Но тука нашето завршува. Ако на македонската спортска јавност или на Македонија како држава не и е потребен Вардар, тогаш да не губиме време. Тоа е наш најголем фудбалски бренд и така да се пушти низ вода е убиствено за македонскиот фудбал – вели Васоски, кој го потенцира познатиот факт дека долгот што го има Вардар е најголемиот проблем.

Долгот боде очи

– Вардар има долг и кај секој потенцијален инвеститор тој долг од околу три милиони евра боде очи. Се надеваме дека ќе се најде заеднички јазик и дека целата приказна ќе продолжи. Можеби веќе е и малку доцна, доцниме со подготвките. Но се работи за поголемо нешто – за спас на клубот – вели Васоски според кого фудбалерите чекаат разврска пред да си ги бараат парите на суд.
– Засега не ни е во план правна акција. Чекаме разврска. Се надеваме дека се ќе се реши надвор од судовите. Меѓутоа тие се заработени пари на фудбалерите и не е исклучено и по судски пат да ги побараат, дали преку ФФМ или УЕФА или судот во Скопје. Но сите чекаме позитивна разврска. Клубот ни должи веројатно преку десетина плати – вели Васоски, кој не може да не ја истакне апсурдноста на ситуацијата.

Александар Васоски/Фото: ФК Вардар

Шампион во распаѓање

– Ние сме шампиони на Македонија, а се распаѓаме. Греота е што се дозволи Вардар да дојда на ова дереџе. Не зборувам само за сопственикот, туку и за институциите во оваа држава. Долго се знаеше дека клубот не плаќа, дека тоне во долгови и слично. Сите си молчеа, никој не реагира, а сега кога проблемот ескалира максимално, може да биде веќе и доцна – вели Александар кој ја истакнува тешката ситуација на фудбалерите.

– Сите можеме да земеме раскин на договорите. Но ситуацијата е комплицирана. Коронавирусот си го зеде данокот во фудбалот. Не е лесно да најдеш клуб. Сите клубови сакаат да заштедат. Сега треба да ги раскинуваат и да бараат нова средина. Сите сме во незавидна ситуација – смета тренерот кој не гледа брза разврска што се однесува до инвеститори.

– Се преговара, но нема ништо конкретно. Губиме златно време. Ако лигата почнува за помалку од дваесетина дена, каде се подготовките, кога ќе се собере екипата? Пред Вардар е многу тежок период. Ние сме тука за да го спасиме, но ако видиме дека оваа ситуација продолжува веќе и ние ќе кренеме раце – искрен е Васоски.

Проблемот „експлодира“ кога сопственикот Сергеј Самсоненко во мај објави дека си заминува од Вардар, а клубот сака да му го предаде на Град Скопје. Проблем беше долгот од над два милиони евра што се уште не е регулиран, а градот може да го преземе клубот само ако нема долгови. Инвеститори тешко се наоѓаат во таква ситуација и оттогаш Вардар е ни на небо ни на земја… Русинот го купи Вардар во 2014 година за 81.000 евра. Клубот тогаш немаше долгови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот