Албанското знаме развеано на половина Скопје

Со откривање биста на загинат припадник од ОВК во Шипковица, почеток на реконструкција на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, свечена академија во хотелот „Александар палас“, одбележување на роденденот на командантот на УЧК Адем Јашари, заклучно со концерт на британската ѕвезда со косовско потекло Дуа Липа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, лидерот на ДУИ Али Ахмети и многубројни функционери интегративци го одбележаа и го прославија „28 Ноември – Денот на албанското знаме“, иако во Македонија тој датум не е на списокот на државни празници.

Пратеници и функционери од ДУИ во работен ден, наместо на комисиски расправи и во министерските кабинети или на терен, присуствуваа на поставување на почетокот на реконструкцијата на Универзитетот „Мајка Тереза“, по што цела пратеничка група, претседателот на Собранието Талат Џафери, како и речиси сите министри присуствуваа на свечената академија во хотелот „Александар палас“.

Работните обврски и на градоначалниците во општините со мнозинство Албанци, како Чаир, Кичево, Сарај, Арачиново… беа во втор план, бидејќи главно беше одбележувањето на Денот на знамето и независноста на Албанија. Во општините со мнозинство Албанци се вееше албанското, но не и државното знаме, што е спротивно на Законот за употреба на знамињата на заедниците. Исклучок беше само свечената академија во „Александар палас“ каде што беа истакнати албанското, државното знаме, како и знамињата на САД и на ЕУ.

Одбележувањето на националниот празник на Албанија, Ахмети, во друштво на првиот вицепремиер Артан Груби, го почна во Шипковица каде што ја откри бистата на загинат припадник на ОВК од тоа село, Џемил Абдурахмани. Лидерот на ДУИ им го честита 28 ноември на сите Албанци со порака дека албанското знаме никогаш не било свиткано, бидејќи е натопено со крв.

Фото Али Ахмети Фејсбук

– Ова знаме не се спушта и не се витка затоа што е натопено и подигнато со крвта на Џемил Абдурахман – рече Ахмети.

Од почетокот на реконструкцијата на Универзитетот „Мајка Тереза“, сместен во касарната „Илинден“ во Скопје, освен ректорот Изет Зеќири, на присутните им се обратија и министерот за образование Јетон Шаќири и Ахмети. Ректорот Зеќири лично му се заблагодари на Ахмети за придонесот да почне реконструкцијата на Универзитетот.

– Рака на срце, морам да бидам отворен дека кога имав пречки, отидов кај потпретседателот на ДУИ Изет Меџити, кај Арбр Адеми, кај градоначалникот, во интензивна комуникација со министерот за финансии Бесими, со министерот Јетон и сите ми помогнаа за оваа состојба што ја имаме сега – рече Зеќири.

Освен Ахмети и Груби, на почетокот на реконструкцијата на споменатиот универзитет присуствуваа и пратениците Арбр Адеми и Изет Меџити, потоа Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта, министерот за економија Крешник Бектеши и други функционери. Впечатливо е дека иако станува збор за проект финансиран од Владата, не беше присутен премиерот Димитар Ковачевски, ниту други министри Македонци и никој од говорниците не се обрати на македонски јазик.

Во честитката на Ахмети за денот на знамето, лидерот на ДУИ со цитат од Митхад Фрашери порача дека „во ропството нашата работа е војна, а во слобода нашата борба е работа“.

Ахмети рече дека тоа најдобро го опишува патувањето на нацијата, нејзиниот праведен менталитет за одбрана на својот идентитет, земјите на предците, достоинството и целта на светлата иднина на генерациите.

На свечената академија беше интонирана само химната на Албанија, а претседателот на Собранието Талат Џафери му се обрати на сопартиецот Ахмети со зборовите командант и претседател на Албанците во Северна Македонија. Ахмети изјави дека овој ден се одбележува за сите што пролеале крв за албанското знаме и дека Албанците, кај и да се, денеска слават.

Ниту Рама не очекувал толку успеси на Албанците во Македонија

Во рамките на одбележувањето на „28 Ноември“ вчера премиерот на Албанија Еди Рама порача дека Албанците од Северна Македонија се подобри од кога било во достигнувањата на Албанците од овие простори.

– Не верувам дека има многу што денес имаат храброст да кажат дека знаеле оти на 110-годишнината од независноста на Албанија, албанскиот ќе биде официјален јазик во Македонија, ќе има највисоко учество на Албанци во Владата и во институциите, па дури ќе има и претседател на Собранието, Албанец – рече Рама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот