Плакат за концертната промоција на албумот во „Ѕе“

„Аксиома“ организира концертна промоција на албум на триото Букршлиев, Омерагиќ и Спировски

Во Македонски паб „Ѕе“, на 27 јануари (вторник), од 21 часот, ќе се одржи концертна промоција на албумот „Долго бавно паѓање“ (Long Slow Fall) на триото Филип Букршлиев (електрична гитара), Дени Омерагиќ (контрабас и ефекти) и Нинослав Спировски (саксофон и кларинет).

Триото Букршлиев / Омерагиќ / Спировски со албумот „Долго бавно паѓање“ се појавува како редок пример на современа импровизирана музика што одбива да се стабилизира во една форма, жанр или естетска рамка. Наместо тоа, нивната музика постои во состојба на постојано лизгање, пропаѓање и повторно појавување – како процес, а не како завршен објект.

– Овој албум не е збир на композиции во класична смисла, туку динамична мрежа од ситуации, гестови и реакции, во кои фри-џезот функционира како метод, а не како стил – истакнуваат од „Аксиома“.

Во жив контекст, оваа музика добива дополнителна димензија. Концертот на триото е простор на радикална непредвидливост: структури што се појавуваат и исчезнуваат, лирични фрагменти што ненадејно се распаѓаат во шум, електронски текстури што се судираат со акустична експресија, ритмички импулси што постојано се редефинираат. Џезот тука не е жанровска одредница, туку отворено поле низ кое музичарите слободно маневрираат, флуктуирајќи помеѓу лиричност, ноиз, апстракција и сурова енергија.

Она што особено ги одликува настапите на Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски е нивната изразена игровност. И покрај комплексноста и ризикот што ги носи ваквиот пристап, музиката зрачи со виталност, хумор и телесна енергија. Секој концерт е колективна игра на слушање и реакција, во која ништо не е однапред договорено, но сè е длабоко поврзано.

Влезот на промотивниот концерт на албумот „Long Slow Fall“ на 27 јануари во „Ѕе“ ќе чини 200 денари, а со секоја купена влезница посетителите ќе добијат код за дигитално преземање на албумот.

– Ова е покана за влез во еден нестабилен, возбудлив и отворен музички свет – концерт што не нуди сигурност, туку интензивно искуство во кое падот е бавен, но никогаш предвидлив – додаваат од Асоцијација за културна соработка и истражување „Аксиома“, издавач на албумот и организатор на концертот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот