Ако се пишманите за купената облека, може да се врати

Во Македонија постои закон според кој може да се врати облеката ако купувачот дома сфати дека не му се допаѓа бојата или моделот, но оваа законска регулатива речиси и не се почитува. Во Америка, пак, или во развиените европски земји оваа практика веќе ја има со години, а веќе станува сè почеста и во регионот. Така, на пример, во Белград во една продавница на видно место е истакнат натпис облеката да се проба дома место во гардероба и потоа да се донесе одлука дали ќе се купи или не.

Кај нас, во член 50 од Законот за заштита на потрошувачите, пишува дека „потрошувачот има право кај трговецот кај кого е купен производот да го замени производот што има соодветен квалитет, а што не одговара во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини, освен во случај на купен производ изготвен по нарачка од потрошувачот врз основа на писмен договор“.

Ова право, според нашата регулатива, потрошувачот може да го оствари во рок од 15 дена од денот кога производот е купен. Вообичаена практика во другите земји е рок од 30 дена.

„Замена на производот со соодветен квалитет се врши ако производот не бил употребуван, ако е сочуван изгледот на производот, употребните својства, пломбите, фабричките етикети, како и фискалната сметка за производот или сметкопотврда, кои на потрошувачот му биле издадени заедно со производот. Ако во моментот на поднесувањето на барањето од потрошувачот трговецот нема соодветен производ (производ што ќе одговара на неговите потреби), потрошувачот има право по свој избор да бара: да го раскине договорот и да бара враќање на платениот паричен износ или да го замени производот со соодветен кога ќе има таков производ“, пишува во Законот за заштита на потрошувачите.

Речиси сите купувачи што вчера ги затекнавме низ продавници споделија по некое негативно искуство од своето пазарење. Некои воопшто не биле ни добро сослушани за што се жалат, дури и кога имало сериозни дефекти. Речиси никој од нив не ни знаеше дека може дома „на раат“ да размисли за бојата и за моделот на облеката што ја купил. Но, како исклучок, една госпоѓа ни го посочи пазарувањето во „Ваикики“ каде што неколкупати при купување ѝ било кажано да ги чува сметките и да не ги откачува етикетите затоа што може, ако се премисли, да го замени производот.

Според извештајот на Организацијата на потрошувачи (ОПМ) за 2018 година, голем број поплаки од потрошувачите пристигнале за обувки и облека, односно потрошувачите се жалеле на неквалитетен материјал, кој веднаш се оштетил, но затоа што биле отпакувани и малку извиткани потрошувачите не можат да го остварат правото од Законот за заштита на потрошувачите.

– Апелираме до потрошувачите да ги чуваат фискалните сметки од овие производи. Иако не е издаден гарантен лист како кај техничките производи, согласно законот, тие имаат 6 месеци гаранција со самата фискална сметка – велат од ОПМ.

Според Законот, трговецот е должен да го извести потрошувачот што барал замена на производот дека има таков производ за продажба во рок што не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето.

Во 2018 година до Организацијата на потрошувачи стигнале 2.886 разни поплаки од кои 210 биле поплаки за производи за лична употреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот