Академик Божидар Видоески (1920-1998): Темелник на македонската јазична самостојност

Годинава ќе се навршат 100 години од раѓањето на академик Божидар Видоески (1920-1998), основач на македонската дијалектологија и на дијалектолошките истражувања во Македонија.

Академик Божидар Видоески е роден на 8 ноември 1920 година во с. Звечан, Порече, дипломирал во 1949 година на групата Македонски јазик на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што одбранил и докторска дисертација во 1957 година. Од 1949 година е асистент на Филозофскиот факултет, во 1958 година е избран за доцент, а од 1964 година е вонреден професор по македонска дијалектологија. Станал редовен член на МАНУ во 1974 година. Починал на 16 мај 1998 година.

Повеќе од четириесетте години научна активност на академик Божидар Видоески претставуваат еден од клучните придонеси за историјата на македонската лингвистика. Како долгогодишен професор по предметот дијалектологија на македонскиот јазик и како раководител на Македонскиот дијалектолошки атлас и еден од раководителите на Општословенскиот лингвистички атлас и на Општокарпатскиот дијалектен атлас, Видоески на македонскиот збор му обезбеди значајна афирмација во славистичката наука.

Академик Видоески беше ученик и најблизок соработник на Блаже Конески, втемелувачот на стандардизацијата на современиот македонски јазик. Со сестраните истражувања на македонските дијалекти, кои со векови се развивале ненормирани и со многу допирни и заемни влијанија во балканската повеќејазична средина, Видоески ја откриваше историјата на македонскиот дијалектен систем и неговата диференцијација. Академик Видоески ги откриваше темелите на македонската јазична самостојност.

Академик Божидар Видоески (1920-1998)

Поради својот придонес во науката со околу триста објавени научни трудови (дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др.) и неговата меѓународна афирмација, академик Видоески беше избран за член на Хрватската академија на науки и уметности, на Полската академија на науки, на Српската академија на науки и уметности и за почесен доктор на Шлонскиот универзитет во Катовице, Полска.

Насловна фотографија: Академик Божидар Видоески со Блаже Конески на церемонија за прогласување за почесен доктор на Шлонскиот универзитет.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 31, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот