Академијата за судии и јавни обвинители ги додели дипломите, медиумите не беа повикани

Фото: „Фокус“

Академијата за судии и јавни обвинители во големата сала во Врховниот суд попладнево свечено им ги доделила дипломите на годинешната класа дипломци, во која се редица синови, ќерки, сопруги и други роднини на актуелни и поранешни политичари, судии и обвинители кои го положија завршниот испит и ќе станат дел од правосудниот систем, објави „Фокус“.

Медиумите не добија покана за свеченоста, со исклучок на државната агенција МИА. На медиумите кои случајно дознале за настанот, директорката на Академијата, Наташа Габер – Дамјановска им изјави дека процениле дека нема доволно место за сите медиуми, биле претплатени на МИА и агенцијата при известувањето ниту додавала, ниту одземала. Но, таа не одговори конкретно дали можеби медиумите не биле поканети за да не им поставуваат прашања на кандидатите кои со месеци беа во фокусот на јавноста, пишува „Фокус“.

Дипломите ги зедоа и идните обвинители: синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, Албулена Абази, сопругата на актуелниот раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Ислам Абази, сопругата на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски која ќе стане судијка и уште над педесет слушатели на Академијата чии имиња се поврзуваа со лица од политиката и правосудството.

Најмногу внимание предизвика синот на Џафери, за кого Антикорупциска утврди дека положил правосуден испит пред да се стекне со диплома со соодветен степен на образование. Габер-Дамјановска во своето обраќање на кандидатите им порача дека треба да му служат и да го штитат јавниот интерес и дека треба да се водат според правните принципи, а не според личната пристрасност или мислење.

– Никогаш да не ги компромитирате општествените вредности или посветеноста кон правдата, дури и кога се соочувате со тешки одлуки или кога трпите притисок од надворешни сили. Истовремено, вашите одлуки имаат длабоко влијание врз човечките животи, па затоа е важно да им пристапувате човечки, со емпатија, непристрасност и да бидете фер. Ве охрабрувам да негувате моќна и ефикасна соработка со другите институции во судскиот и правниот систем. Почитувајте ги и оние кои се хиерархиски над вас, но и под вас, порача Габер – Дамјановска.

Од вкупно 58 слушатели на седмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители, 30 положија за судии, а 28 за обвинители. Синот на Џафери конкурираше за обвинителството во Гостивар, сопругата на Абази за обвинител во Кичево.

Денеска, пак, Судскиот совет донесе одлука за избор на вкупно 31 судија низ повеќе основни судови низ внатрешноста на државата, без Скопје.

30 кандидати од седмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители ќе може да конкурираат за шест места во Основниот суд Прилеп, за четири места во судот во Струга, по три во судот во Битола и во Кичево, по две во судовите во Крушево, Охрид, Тетово, Делчево, Радовиш и Берово, како и за по едно место во судовите во Куманово, Струмица и во Свети Николе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот