Протест за командантите на косовската УЧК / Фото: Методи Здравев - Слободен печат

Ахмети ја внесе косовската ОВК во македонското Собрание

Резолуцијата ги обедини партиите на Албанците од власта и од опозицијата, но очекувањата се дека таа нема да помине, бидејќи ќе нема поддршка од македонскиот политички блок.

На протест во Приштина и со резолуција во македонското Собрание лидерот на ДУИ Али Ахмети е впрегнат да им помогне на поранешните соборци од косовската ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – на кои Судот во Хаг им суди за воените злосторства на ОВК, извршени на Косово. Поентата на резолуцијата, поднесена од Европскиот фронт предводен од ДУИ, е дека војната на ОВК била праведна. Резолуцијата ги обедини партиите на Албанците од власта и од опозицијата, но очекувањата се дека таа нема да помине, бидејќи ќе нема поддршка од македонскиот политички блок.
Зад резолуцијата за почитување на стандардите за правична постапка во меѓународното судење на поранешните раководители на косовските институции, освен Европскиот фронт, застанаа и двата опозициски дела од Алијансата за Албанците, како и владејачката коалиција Вреди.

Али Ахмети Фото: Фејсбук Ахмети

Ахмети на Денот на независноста на Косово присуствува на маршот „Правда, а не политика“ во Приштина. Претходно, на промоција на книга за војната тој во својот говор рече дека на поранешните водачи на ОВК „неправедно им се суди со обвинувања за злосторства што не ги сториле“.

– Сите знаеме дека се води неправедно судење, обвинувања за дела што не сме ги сториле само затоа што бевме патриоти, ослободители и организатори на отпорот и на војната. Нема да бидеме скршени, исто како што не се скршени семејствата на нашите пријатели и соборци што се во Хаг. Ќе дејствуваме храбро за вистината – рече Ахмети.

Иако од владејачката Вреди велат дека ќе ја поддржат резолуцијата, сепак не пропуштија да го критикуваат Ахмети. Координаторот на пратеничката група на Вреди Беким Ќоку за „Слободен печат“ вели дека ќе ја поддржат резолуцијата.

– Но треба да се напомене дека Ахмети е противречен. Тој лобираше во косовското Собрание да се донесе законот за специјалниот суд во Хаг, а сега протестира и поднесува резолуција против одлуките на истиот тој суд. Ахмети прејудицира дека Специјалниот суд ќе донесе осудителни пресуди за водачите на ОВК – вели Ќоку.

Беким Ќоку Фото: Фејсбук Ќоку

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да ја поддржат резолуцијата.

– Немаме намера да влегуваме во таква приказна. Тоа е работа на друга суверена држава. ДУИ продолжува да се занимава со етнички теми – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека ќе се изјаснат откако ќе ја разгледаат резолуцијата.
Со резолуцијата за водачите на ОВК се изразува силна поддршка за принципот на непристрасна и неселективна правда и се бара секоја судска постапка да се води врз основа на проверени докази и во целосна согласност со меѓународните конвенции и стандарди за човекови права.

„Специјализираните совети и Специјализирано обвинителство, при вршењето на своите надлежности, да обезбедат целосно почитување на уставните и меѓународните стандарди во однос на заштитата на основните права и слободи на Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и други, вклучително и обврските што произлегуваат од судската практика на Европски суд за човекови права. Го вреднува придонесот на институционалните челници и припадниците на ослободителната војна на Косово во процесите на мир, стабилност и евроатлантска интеграција на регионот. Ја нагласува неопходноста од целосно почитување на правата на обвинетите, вклучително и презумпцијата на невиност, ефективната одбрана и судење во разумен рок, во согласност со стандардите на Европскиот суд за човекови права“, пишува во резолуцијата.

Од ДУИ истакнуваат дека лицата против кои се водат судски постапки во Хаг биле значајни институционални челници и претставници на ослободителната војна, кои подоцна извршувале високи државни функции во Република Косово, давајќи значаен придонес во градењето на мирот, безбедноста и регионалната стабилност.

Протест за УЧК Фото: Фејсбук

Масовни протести за поддршка на водачите на ОВК лани се одржаа во Приштина, Тирана, Стразбур и во Скопје.
Поранешните офицери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети во Хаг за најмалку 98 убиства, односно злосторства врз најмалку 407 приведени, извршени во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија. Најмалку 98 лица биле убиени од март 1998 година до септември 1999 година. Овие злосторства се квалификувани во пет точки како злосторства против човештвото и воени злосторства.

Ахмети наместо на завршен митинг во Скопје, на протест за УЧК во Тирана

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот