Агенцијата за филм ги објави „Факти и бројки“ за 2020 и проектите што ќе бидат поддржани во 2021 година

Агенцијата за филм на РСМ во насока на транспарентност на средствата реализирани од годишниот буџет, почнувајќи од 2019 година ја издава публикацијата наречена „Факти и бројки“. Во публикацијата „Факти и бројки 2020“ детално се впишани средствата со кои се финансирале филмски и други проекти од национален интерес по конкурси објавени од страна на Агенцијата за филм, реализирани средства за активности за развој на филмската дејност и меѓународната промоција на македонското творештво.

Вкупниот скратен буџет на Агенцијата за филм за 2020 изнесувал 161.869.732,00 денари, од кои 10 отсто отпаѓаат на плати, надоместоци, даноци и за останати оперативни расходи за одржување на институцијата, а 90 отсто биле наменети за македонскиот филм. За проектите за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм (национални филмови и мнозински копродукции, малцински копродукции) се потрошени 112.578.215 денари.

За други проекти од национален интерес: членарини во меѓународни организации, меѓународна промоција на македонското творештво и унапредување на филмската дејност се потрошени 27.120.504 денари. За правни лица кои се здобиле со право на поврат на средства, потрошени се 6.280.140 денари.

„Агенцијата за филм и понатаму ќе остане транспарентна пред јавноста, а публикацијата ќе остане практика и во иднина“, изјави директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски.

Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм

Прес-конференција поврзана со резултатите од последните конкурси на Агенцијата за филм се одржа на 26 март. На последниот конкурс аплицирале 51 проекти, од кои 33 за долгометражни (играни, документарни и анимирани) и 18 краткометражни (играни, документарни и анимирани) филмови. Поддршка за реализација на мнозински долгометражни филмови добија режисерот Ѓорги Унковски за проектот „Диџеј Ахмет“ во продукција на „Футура синема“ и Марко Ѓоковиќ за „Потстанар“, во продукција на „Сектор филм“. Ќе се снимаат и девет краткометражни играни филмови и три документарни филмови со македонски мнозински удел, а поддржано е учество и во три малцински проекти. Вкупниот буџет за реализација на овие проекти изнесува 75.700.000,00 денари.

Резултатите се од конкурсот објавен во август минатата година, кој беше пролонгиран поради тоа што Агенцијата немаше прв човек.

– Агенцијата за филм на РСМ ја продолжува стратегијата за поддршка на млади автори чии проекти имаат потенцијал за успешна промоција на фестивалите. Двата долгометражни филмови се разликуваат жанровски и се надеваме дека авторите ќе покажат препознатлив режисерски јазик – рече директорот Бојан Лазаревски на прес-конференцијата.

На овој конкурс се одлучуваше и за поддршка на домашните филмски фестивали, а ќе бидат поддржани 20 фестивали, меѓу кои се: ИФФК „Браќа Манаки“, „ЕХО – Фестивал на планински филм“, „Синедејс“, „ОДА Тетова интернејшенал филм фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“, 47. Државен фестивал на непрофесионален филм, „Џифони Македонија“, „Македокс“, „Златно тркало“ и други. Комплетните резултати од конкурсот за финансирање на филмски проекти по Конкурсот од 2020 – втор рок на одлучување, како и резултатите од конкурс на фестивали/манифестации за финансирање во 2021 година се објавени на веб-страницата на Агенцијата за филм. Со крајот на март завршува рокот за аплицирање на мартовскиот конкурс за поддршка на проекти.

 (Текстот е објавен во „Културен печат“ број 74, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот