Агенцијата за филм поднесе кривична пријава против продукцијата на Милчо Манчевски, ѝ го прекина финансирањето

Милчо Манчевски / Фото: Промо/Маја Аргакијева

Агенцијата за филм поднесе кривична пријава против продукцијата „Банана Филм“ – Скопје. Оваа одлука, како што соопштија од Агенцијата е донесена поради основи на сомнение за сторено кривично дело – поднесена официјална изјава со невистинита содржина, а се темели на докази поврзани со фактичката состојба на проектите „Мајки“, „Врба“, „Кајмак“ и „Биста“.

„Согласно горенаведеното, Управниот одбор на Агенцијата за филм донесе одлука со која го задолжи директорот на Агенцијата да донесе решение за прекин на постапување и финансирање по проектите „Кајмак“ и „Биста“ на истиот продуцент, сè до правосилно решавање на претходното прашање.“, се вели во соопштението.

Како што појаснуваат од институцијата, откако Министерството за култура изврши инспекциски надзор за проектите „Мајки“ и „Врба“, од каде овластениот инспектор достави информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција, утврдено е постоење на недоследности во однос на доставување на финални извештаи за проектот „Мајки“.

При тоа за проектот „Мајки“, продукцијата до денес не доставила финален извештај за потрошени 55.000.000,00 денари како и за сите други дополнителни средства потрошени за реализација на овој проект.

Што се однесува до проектот „Врба“, од Агенцијата наведуваат дека, во процес е проверка на фактот – пренос на повисоки износи на средства доделени на сметка на правно лице во странство, која што припаѓа на сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје.

„Сите иницирани постапки на Агенцијата за филм немаат намера да направат блокада на работата на било кој автор, вклучително и сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје, туку единствена цел е да се утврди дали постоело незаконското работење како и заштита на буџетските средства на Република Северна Македонија.“, соопштуваат од Агенцијата за филм

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот