Агенциите стравуваат дека им се случува пандемискиот локдаун, без НМК во документите само на излет до Матка

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Во најлоша позиција се оние туроператори што имаат сопствен закуп на вили во Грција, бидејќи парите им се заробени уште од ланскиот октомври. Масовно се откажуваат и еднодневните излети до Солун, Ниш, Врање, а не се примаат уплати и за авиобилети, оти парите не се враќаат

Без валидни патни документи засега може да одите само на излет или на продолжен викенд до некој од домашните туристички центри. Во туристичките агенции се плашат дека ќе им се повтори пандемискиот локдаун, а веќе се откажани празничните патувања за 8 Март, за Велигден и за Први мај.

На некои од агенциските веб-страници цените за овие патувања се намалени од 20 до 40 евра, а вработените брифираат дека во овој период веќе наголемо примале уплати и за претсезоната, а сега никој не сака да ризикува. Во најлоша позиција се оние туроператори што имаат сопствен закуп на вили во Грција, бидејќи парите им се заробени уште од ланскиот октомври. Масовно се откажуваат и еднодневните излети до Солун, Ниш, Врање, а не се примаат уплати и за авиобилети, оти парите не се враќаат.

Вработените во агенциите се жалат дека секојдневно слушаат поплаки од клиентите, а секој случај е различен.

– Лани ова време пополнувавме по неколку автобуси за 8 Март, а сега го откажавме патувањето за Солун, оти нема доволно заинтересирани. Граѓаните не се осмелуваат да уплатат, некои бидејќи немаат термин, други затоа што не знаат дали до денот на поаѓање ќе си ги земат новите патни исправи. Иако слушаме дека нема проблеми при влезот во Албанија и Косово, нашите возачите што немаат комплетни документи, не ризикуваат да тргнат на патување – велат во дел од агенциите за „Слободен печат“.

Закупот на сместувачки капацитети го правиме сега, па со откажувањето на резервациите имаме загуби – велат туристичките агенции. Како солуција, на туристите им нудат пролонгирање на одморите.

– Спречени сме да ги реализираме нашите планирани патувања. Всушност, празничните аранжмани речиси и ги откажавме. Сега се случува и луѓето што имаат резервирано летни аранжмани да мора да ги откажуваат поради тоа што не можат да дојдат до нови пасоши – изјави за МТВ, Александар Чоневски, туристички работник.

Оваа ситуација им одговара на домашните хотелиери, кај кои граѓаните ќе може да ги користат ваучерите за летување за граѓаните со ниски примања. Досега во Министерството за економија се пријавиле 29 хотели од Охрид, Берово, Попова Шапка, Струга, Маврово, Кичево, Дебар и Пониква. Од МЕ за „Слободен печат“ велат дека има голем интерес за пријавување, но тоа се случува од почетокот на оваа мерка.

– До средата напладне во нашата архива се пристигнати 1.500 апликации за ваучери, а има средства за 3.555. Аплицирањето започна во понеделникот во 9.30 часот – информираа од Министерството за економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот