Агелер повтори дека изборот на нов шеф на ОЈО ГОКК е „збунувачки“: „Корупцијата е најголемиот предизвик“

Анџела Агелер / Фото: Твитер

Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер вечерва ја повтори оценката дека процесот за избор на шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бил „збунувачки“ за Вашингтон, потенцирајќи дека „корупцијата очигледно е најголемиот предизвик со кој се соочува Северна Македонија“.

– Го гледав како збунувачки кога се случи и сѐ уште го гледам така. Премногу работи не беа одговорени. Ова нема никаква врска со човекот што беше избран, ова има врска со процесот, процесот служи за да се изгради таа доверба, што сега е осум проценти во правосудството, а треба да биде најмалку двоцифрена бројка. Јас не знам што точно се случило, не можам да прејудицирам каков бил процесот, но тој отвора љубопитност, рече Агелер во интервју за телевизија „Сител”.

Таа, осврнувајќи се на корупцијата, рече дека нејзиното мислење е рефлексија на „она што го кажуваат луѓето во оваа земја“ – дека корупцијата е очигледно најголемиот предизвик со кој се соочува земјава.

– И особено како што се движи кон Европската Унија, како што се движи кон полноправна членка на европското семејство, за да ги спроведе реформите и да се отвори за инвестиции, коишто мислам дека треба да се видат, да се отвори за странски туризам, за целосна интеграција во европската заедница, јас верувам дека тоа ќе бара сериозно адресирање на проблемот со корупцијата, потенцираше Агелер.

Амбасадорката потсети дека корупција не е само поткупот, туку таа се јавува во многу форми.

– Како што патувам низ земјава и зборувам со обични луѓе, тие зборуваат за корупција секогаш кога треба да посетат лекар, секогаш кога работат, секогаш кога нивното дете треба да се запише во некое училиште. Искрено, корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа за оваа земја и што толку голем број млади луѓе не сакат да останат, рече Агелер.

Зборувајќи за поддршката која САД ја има дадено за македонското правосудство, амбасадорката рече дека по сѐ што е направено, податокот за довербата во правосудството е разочарувачки.

– Мислам дека тој е длабоко разочарувачки. Дури и во ова време кое што сум тука, а денес се навршува еден месец, видов работи кои се збунувачки, проблематични и како што кажав на Твитер, тоа е огромно разочарување. Зборуваме за децении инвестирање, за милиони и милиони долари платени од даночните обврзници на САД како инвестиција во судството во оваа земја. Ние, но уште повеќе луѓето на оваа земја, заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција, рече Агелер.

Агелер денеска на Твитер објави дека тим за санкции од Вашингтон пристигнал во земјава за да изврши „поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори“.

– Правосудниот сектор на Северна Македонија има потреба од повеќе истраги и гонења, за да се покаже дека никој не е над законот, рече Агелер.

Американски тим за санкции ќе истражува корупција кај функционери во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот