Агатангел настапи како „партиски“ владика, јавноста згрозена, Синодот се дистанцира

Митрополитот Агатангел / фото: ТВ24/принтскрин

МПЦ е национална, божествена и човечка црква, која ги обединува и не ги дели луѓето. Ние не можеме да бидеме поддржувачи на ниедна партија – вели владиката Тимотеј, кој е и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА.

Сериозен истап со кој се нарушува начелото на секуларноста во државата, отворено и директно мешање во политиката, фаворизирање една политичка партија и поделба меѓу граѓаните. Ова е оцената на верските аналитичари за изјавата на владиката Агатангел по повод празниот Свети Трифун.

Агатангел во својот говор го нарече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски „нашиот претседател“, а  ВМРО-ДПМНЕ ја нарече „најголемата и најсветата партија во државата“.

– Верувам дека Господ Бог и мајката Божја Богородица, која е заштитничка на оваа света македонска земја, ќе му помогне нему и на сите негови соработници на сè она што е свето македонско, национално, да го врати назад и нема да дозволи некој што не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на нашата света земја – рече владиката Агатангел.

Говорот на Агатангел предизвика бурни реакции, од кои дел со остра осуда, а дел, пак, во негова одбрана.

Тимотеј: МПЦ не поддржува ниедна партија

Портпаролот на Синодот на МПЦ ОА Тимотеј во изјава за „Слободен печат“ се дистанцира од изјавата на владиката. Владиката Тимотеј вели дека личниот став на владиката Агатангел не е став на МПЦ-ОА.

-Тоа е личен став на владиката. Не можам да предвидам дали и што ќе преземе Синодот за изјавата на владиката, не сум гатач. Но со тоа што велам дека станува збор за лични мислења, значи дека Синодот се дистанцира од неговата изјава. МПЦ е национална, божествена и човечка црква, која ги обединува и не ги дели луѓето. Ние не можеме да бидеме поддржувачи на ниту една партија – изјави владиката Тимотеј за „Слободен печат“.

Неофицијално, има можност Синодот да го санкционира Агатангел, но треба архиепископот г.г. Стефан да иницира таква постапка. Можно е Агатангел да добие опомена или некоја слична мерка. Според нашите информации, малку е веројатно дека поради овој прекршок Агатангел би можел да биде расчинет.

Против говорот на Агатангел жестоко реагираше министерот за локална самоуправа Горан Милевски, кој присуствуваше на настанот. Според него,  Агатангел ја „извалкал мантијата“ и е срам за црквата и за народот.

– Да беше свесен за што зборува, тој немаше тоа да го каже. Како што црвите и мувите се штетници за лозарите, така господинот Агатангел, ако можам да го наречам господин, е штетник за црквата, за народот и за граѓаните – рече Милевски.

Поранешната пратеничка од СДСМ Ана Павловска-Данева преку Фејсбук ја осуди изјавата на владиката.

„Многу тажно и срамно кога поп се занимава со политикантство. Без оглед за која партија одработува“, напиша Данева.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој присуствуваше на настанот, не смета дека говорот бил потпалувачки.

– Мислам дека беше достоинствен затоа што ги рефлектира националните интереси и повикува на обединување околу националните интереси – рече Мицкоски.

Директно мешање на Агатангел во политиката

Според новинарот и верски аналитичар Бранко Ѓорѓевски, настапот на владиката Агатангел заслужува јавна осуда.

– Владиката Агатангел вчера направи еден сериозен испад, со кој се наруши уставниот принцип на секуларноста во државата. Ова посебно го мислам во однос на неговите зборови за ВМРО-ДПМНЕ како „најголема и најсвета партија“ и именување на партискиот лидер Христијан Мицкоски како „наш претседател“. Тоа е отворено и директно мешање во политиката, фаворизирање една политичка партија, искажување партиска определеност на еден црковен великодостоинственик, правење поделба меѓу граѓаните врз основа на партиска определба. Сето ова не му доликува на еден црковен достоинственик, кој треба да биде духовен лидер во чијашто душа и срце ќе има место за сите граѓани и субјекти во општеството. Мислам дека, досега, не сме имале вакви примери на искажување партиски определби кај еден црковен достоинственик, кој употреби и тешки метафори за другите партии – вели Ѓорѓевски за „Слободен печат“.

Ѓорѓевски смета дека ваквата практика на владиката Агатангел мора да престане доколку тој навистина сака да биде духовник што ќе биде прифатлив и кој ќе се грижи за сите граѓани што се од различна политичка провиниенција.

– Тој треба да сфати дека на ваков начин прави уште подлабоки поделби во нашето и онака длабоко поделено општество – вели Ѓорѓевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот