жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

А ти да не си поарен?

И покрај намалената популарност, навредата од Трамп само ја зајакна положбата на Стармер, зашто американскиот претседател е исклучително непопуларен во земјата, а не му се заборава и тоа што ги навреди и ветераните зашто кажа дека не се бореле никаде.

Што да се одговори кога некој ќе ве навреди? И тоа не само очи в очи, туку и во друштво. Или на работа. Или пред целиот свет?!

Интересна политичко-лична „расправија“ меѓу американскиот претседател и британскиот премиер. Трамп, незадоволен од тоа што овој пат британската влада на чело со Стармер на неговото „скокнете“, не одговори со „колку високо“, туку рече дека нема да може баш сега.

Не ни ги дадовте вашите воени бази за напад врз Иран, па нашите авиони мораа да летаат неколку часови непотребно. Германците се фини, рече Трамп, ама не сум задоволен од Велика Британија, овој Стармер очигледно не е Винстон Черчил! Па ни ти не си Френклин Рузвелт, беше еден од одговорите што му беа сугерирани овде на премиерот за да му возврати на Трамп! Ама Сер Киер го премолчи ова и порача дека сè додека Британија не види цврсти докази за тоа дека Ирак има војска на границите, дека има намера да употреби (ако го има) нуклеарно оружје и дека (Трамп) има план за што потоа, ние ќе останеме воздржани. Не сосема, ама малку.

Излажан еднаш, ок, се случува, ама ако те излажат двапати, тогаш ти си виновен, е една од поговорките што се споменуваше тука каде што уште се свежи сеќавањата на војната во Ирак во која тогашниот премиер Тони Блер ја вовлече земјата, со лажни тврдења за нуклеарна закана на режимот на Садам Хусеин и непостојните нуклеарни капацитети. Но, се случија ирански напади врз британски воени бази на Кипар и во Бахреин, па сега Стармер е под притисок на опозицијата да „направи нешто, а не да зборува само за заштита на животите на Британците“. Што е лесно кога си во опозиција, ама не и кога си на власт и кога постои „непосредна закана и ризик“. Поддржувачите на Стармер инсистираат дека владата работи во соработка со сојузниците и успева да ги држи чувствителните опции надвор од насловните страници на медиумите. Противниците пак велат дека сме имале лидер што зборува апстрактно, додека другите земји делуваат. Ама и покрај намалената популарност, навредата од Трамп само ја зајакна положбата на Стармер, зашто американскиот претседател е исклучително непопуларен во земјата, а не му се заборава и тоа што ги навреди и ветераните зашто кажа дека не се бореле никаде.

Анализа на законитоста на војната

Нападот врз Иран кој започна без авторизација на Американскиот конгрес ја разгоре во земјата дебатата дали оваа акција е законита според меѓународниот закон. Обединетите нации рекоа дека земјите не смеат да користат сила спрема друга земја, освен ако тоа не е во самоодбрана или со одобрение на ОН. Сузан Бро, професорка по меѓународно право и експерт од Институтот за напредни правни студии за Би-би-си изјави дека оваа војна е незаконита. Можела да биде законита ако во прашање е самоодбрана, но додава дека концептот за самоодбрана во меѓународното право е контроверзно прашање. Според неа, немало „непосредна закана или ризик“ против Соединетите држави или Израел. „Непосредна закана“ е дефинирана во случајот „Каролина“ од 1937 година кој вели дека значи – да се нема друг начин, да се нема друг избор на средства. Таа вели дека за да биде опасноста непосредна, би значело војската да е насобрана на границите, да се нема друг избор. А да биде уште полошо, сето ова се случи среде преговори, вели Бро.

Да, можеби тие се одолговлекувале и можеби ќе имало или не резултати, но за да се случи напад, војна, мора да има непосредна опасност, вооружен напад против САД и Израел. Да, вели таа, може да се тврди дека денес, во 21. век повикувањето на закон од 1937 година е застарен, а заканите во време на балистички ракети може и да се реални, ама до сега не е покажан ниту еден доказ за закана, ниту до Советот за безбедност на ОН, ниту пред кого било.

И поранешниот директор на британската разузнавачка агенција Ем Ај Сикс, Џон Соерс вели дека ова е непотребна војна, не се спречуваше никаква итна закана, и додава дека најдобриот исход од сето ова може да биде некаков вид „венецуелско решение“, но опасноста од проширување на конфликтот е голема.

Непристојни и неважни

И додека сите загрижено гледаат накај Иран, Израел и „бисерите“ на Трамп, за некои војната е одличен повод за заработувачка. Се разбира, заработуваат производителите на оружје и сè што е поврзано со логистиката, ама она што го направи Џорџ Котрел, клучниот помошник на лидерот на партијата Реформа на Најџел Фараж, е „чист претеризам“. Тој се кладеше дека Доналд Трамп нема да го бомбардира Ирак до крајот на февруари. Порано осудениот измамник стави облог на платформата за тргување „Полимаркет“, која дозволува корисниците со „да или не“, да се кладат на разни настани, како политика, време, а ете, и за војна. Пош Џорџ, како што го викаат, загуби 411.000 фунти кога Соединетите држави нападнаа на 28 февруари. Загуби и дополнителни 94.000 фунти обложувајќи се дека Стармер ќе го сменат до 28 февруари. Да беше годинава февруари престапен, можеби ќе „ќареше“ за војната. Но за Стармер, ќе загубеше.

Уште еден пример кој сè се довлечкал во партијата на Фараж. За поранешните министри и министерки од владата на конзервативците, кои решија дека имаат пак шанса за власт во евентуалната идна влада на Најџел, не вреди да се троши хартија.

Двајца лузери?

Ако Трамп и поранешниот британски принц, Маунтбатен Виндзор мислеа дека војната ќе го сврти сосема вниманието од нив и досиејата на Епстин, се излажаа. Во Соединетите држави, а и тука циркулираат дополнително обелоденетите делови каде што се спомнува американскиот претседател во наводи, засега без докази, за сексуална и физичка злоупотреба на малолетничка. Трамп негира, како што негира и тукашниот поранешен принц, кој се договоривме дека се вика Андру (не Ендрју, не Ендру, не Андрју). Е сега, кога го решивме тоа, најново е што тој се исели (го исели брат му, кралот Чарлс Трети) од кралската палата каде што живееше без да плаќа кирија или послуга или што било, ама каде сега, не се знае. Планирал. Велат тукашните таблоиди, да се исели на Блискиот Исток, дури и пасош извадил. Ама ете, се случи војна, па и тоа пропадна. Сега седи тука и се жали дека не било фер што луѓето се свртеле против него и чезнее за деновите кога имал статус на принц и бил заштитен од сѐ и секого.

Едниот чека за заврши војната и да го „избрише“, како што рече, Иран. Другиот да види што и како понатаму и дали последниот удар ќе биде одземање на правото за наследување на британскиот престол. И за разлика од Трамп, Андру не можеше да организира војна, за да го сврти вниманието на светот. Вака или онака, од печатот на Епстин, нема бегање.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот