Претставката за мобинг против Хајрулахи во рацете на Коцевски

Претставката за мобинг што дел од вработените од Вишото јавно обвинителство кое го води, обвинителот Мустафа Хајрулахи ја поднесоа до Советот на јавни обвинители е во рацете на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски со кого Хајрулахи отвори војна откако Републичкото обвинителство почна надзор на Вишото обвинителство.

Сето тоа кулминираше кога вишиот скопски обвинител достави снимка на која беше снимена новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Симоновска и беше објавена на национална телевизија на која обвинителот тврдеше дека протекуваат информации од обвинителството кое го води.

Но, уште пред да излезе Хајрулахи со обвинувања дека Коцевски му врши притисок со контролата во Обвинителството, негови вработени се жалеле дека шефот им врши мобинг. Претставката била поднесена до Советот на јавни обвинители уште во јули, а Советот ја доставил на мислење кај републичкиот јавен обвинител.

-На 19 септември обавив разговор со вишиот јавен обвинител и му кажав дека состојбата во Вишото јавно обвинителство не му е добра и дека тој мора да преземе нешто меѓучовечките односи да ги реши. Знаете дека вишиот јавен обвинител имаше поднесено и кривични пријави против обвинители од неговото јавно обвинителство. Ако обвинителите се жалат од мене како прв човек на обвинителството, јас ќе си дадам оставка, рече Коцевски.

Републичкиот јавен обвинител вети дека ќе има разрешница и ќе се преземат сите законски мерки, но од Обвинителството не откриваат кои се следните чекори на Коцевски за Хајрулахи, но тој ги има сите овластувања да преземе мерки против него.

Откако беше објавена снимката на новинарката Симоновска, таа поднесе кривична пријава за овој случај па сега оваа постапка се води како пријава против непознат сторител бидејќи се уште не е откриено кој е „свиркачот“ на Хајрулахи, односно кој ја снимал новинарката.

-Нападите кон мене почнаа веднаш после првиот ден од извршениот надзор. Не знам зошто, тоа само од одредени јавни обвинители. Другите јавни обвинители не слушнав дека имаат некакви проблеми, рече Коцевски.

Надзорот го вршеле тројца јавни обвинители кои биле избрани според годишниот извештај што го направило Јавното обвинителство. Коцевски беше дециден дека засега не примил никаков извештај за Вишото јавно обвинителство.

Верзијата на Хајрулахи пак беше дека притисом му се врши заради предметот за бонусите на СЈО да не ја прифати жалбата на ВМРО-ДПМНЕ, која сака да го оживее предметот откако дојде на власт, иако случајот е затворен, а право на жалба има само оштетениот кој во случајот не е партијата.

Коцевски вети дека јавноста ќе биде известена за се во извештајот и за евентуално незаконито постапување на одредени обвинители.

„Слободен печат“ објави пресуда на Врховниот суд која покажуваше дека предмет на обвинителството воопшто не стигнал до суд, бидејќи Советот за оценка на обвинението во Кривичниот суд го одбил обвинението со образложение дека нема доволно докази. На ваквата пресуда, Обвинителството поднело жалба, но Вишото обвинителство се откажало од жалба, со што постапувањето по предметот застарело.

Од Обвинителството не откриваат колку кривични пријави се поднесени против Хајрулахи, со оглед на тоа што вишата јавна обвинителка, Фатиме Фетаи му поднесе контра-пријава на својот шеф. Со кривични пријави против своите обвинители почна Хајрулахи кој поднесе пријави против Фетаи и обвинителот Сашо Рајчев, по тврдењата на осудениот сопственик на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски дека соработувал со Фетаи и Рајчев. Обвинителството ја отфрли пријавата против Фетаи, а се уште нема одлука за пријавата против Рајчев.

Но, освен Хајрулахи, кривични пријава против него има поднесено и Фетаи, две за злоупотреба на службената положба и овластувања и една иницијатива за поведување на дисциплинска постапка против него.

Инаку, Хајрулахи беше единствениот кандидат за шеф на скопското јавно обвинителство, откако неговите противкандидати, вишите обвинители Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми се откажаа од „борбата“ против него. Тој го водеше ова обвинителство и четири години претходно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот