10. Филозофски филмски фестивал: Роденденско издание во хибридна верзија

Со мото „Пролетни онлајн миграции“ од 21 до 31 мај се одржува дигиталната верзија на 10. Филозофски филмски фестивал, а според директорката Ана Дишлиеска Митова, доколку во ноември се создадат услови, ќе следува и класичната верзија на фестивалот.

Ентузијазмот и солидарноста на екипата што го организира Филозофскиот филмски фестивал беа пресудни да се случи првиот онлајн филмски фестивал во нашата држава. Тие се надеваат дека можеби подоцна оваа година ќе има услови програмата на фестивалот да ја споделат со публиката во Кинотека, но сепак дел од програмата ја поставија на дигиталната платформа „Синесквер“.

– Пред два месеца стана очигледно дека филмските фестивали, како физички изданија (онака како што ги знаевме), нема да бидат возможни оваа пролет. Токму затоа решивме физичкото издание на Фестивалот да го поместиме во првата недела од ноември но, во меѓувреме, да се обидеме да дадеме мал солидарен придонес од независната културна сцена оваа пролет и бесплатно да понудиме дел од програмата на Фестивалот и во услови на карантин.

Онлајн издание е нешто што е ново и претставува експеримент, како за нас, така и за македонската јавност. Кривата на учење беше огромна, но до овој момент генерално сме задоволни од посетеноста на публиката, како и од учеството во фестивалските активности, кои ни се особено значајни бидејќи токму тие се она што го прават Фестивалот – да ги гледаме филмовите, #voistovreme (ако не на исто место), но и да дискутираме за нив, околу нив – со наши професори, филмолози и познавачи на филмот – истакна Ана Дишлиеска Митова.

Во дигиталниот простор, преку ВоД (видео он деманд) платформата „Синесквер“, беа понудени документарниот филм „Андреј Тарковски: Филмска молитва“, документарниот филм за „таткото на концептуализмот“, Марсел Дишан, неколку среднометражни филмови, како документарно-анимираниот филм за „планетарниот хуманист“ Едгар Морен, поетскиот документарен филм „Слика на животно“ на финскиот режисер и фотограф Перту Сакса и црната комедија од Босна, „Контрапункт“ на Иван Короман. Беше остварена дигитална средба со Милчо Манчевски и Перту Сакса, а се одржа и вебинар на тема „Точки на гледање: Ковид-19 и состојбите во македонскиот филмски сектор“.

Андреј Тарковски: Филмска молитва

Во чест на Стефан Сидовски (1946-2019), на кого му е посветено 10. издание на ФФФ, на платформата е поставен неговиот филм „Образ“ и е воведено Специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“ во краткометражната селекција. Дигиталната верзија на фестивалот ќе биде затворена со онлајн концерт на Ема Попивода со „Акустик Електроникс“ на 31 мај.

– Да се оперира во дигиталната сфера носи свои предизвици, и искрено се надеваме дека набрзо ќе се создадат услови да се вратиме сите заедно во кино салите, но сепак можеби од следната година задржувајќи посилна дигитална компонента на Фестивалот, како своевидна „демократизација“ и еднаков пристап на публиката до Фестивалот од целата земја.

Дигиталниот филмски фестивал е нужно различен, и по форма, но и (делумно) по содржина од класичното кинотечно издание какво што го познаваме. Најголемиот предизвик со дигиталните фестивали е што немате едно „платно“, не постои еден екран, туку потенцијално, содржините што ги споделувате и претставувате на публиката, се умножуваат на безброј екрани и во голем број средини каде што не можете да имате целосна контрола за гарантирање на целото аудиовизуелно искуство на гледање филм (како во киносала). Но, до овој момент, се чини дека нашата публика добро се снаоѓа, што особено нѐ радува.

Ана Дишлиеска Митова

Онлајн фестивалите, во оваа ситуација, се нешто ново за сите нас, така што и ние учиме заедно со публиката. Она што беше значајно во дигиталниот простор, а што беше најтешко (но и најинтересно) да се обидеме да го рекреираме е токму фестивалското искуство, размената, „дополнителната вредност“ на Фестивалите со излагања, средби, вебинар, интервјуа, споделување на тематот „Филозофија и филм“, онлајн концерт – објасни Дишлиеска Митова.

Институционална поддршка за пролетните онлајн миграции Филозофскиот филмски фестивал има од Град Скопје, а изданието се остварува во солидарна соработка со Кинотеката и македонската платформа „Синесквер“, како соорганизатори. Фестивалот, како и претходните три години, е прифатен како проект од Агенцијата за филм и Министерството за култура, но поради ситуацијата со коронавирусот, во овој момент работите се во застој.

Внимателно курираната програма, пред сè, организирана од ентузијазмот на останатиот дел од тимот на Фестивалот, се надеваат дека ќе ја претстават наесен, кога планираат да ја прикажат долгометражната играна програма, едукативната програма, ФФФ Караванот, но и да ја одржат Првата интернационална конференција од областа на филозофијата и филмот во земјата.

Вебинар: Македонскиот филмски сектор на тромеѓа

Во рамките на дигиталната програма на 10. ФФФ, на 27 мај се одржа вебинар на тема: „Точки на гледање: Ковид-19 и состојбите во македонскиот филмски сектор“. Со ставови и мислења на вебинарот учествуваа Анита Стојческа (Агенција за филм), Игор Иванов (режисер, ДФРМ/ ИФФК „Браќа Манаки“), Бистра Георгиева (МЕДИА Деск МК), Владимир Љ. Ангелов (Кинотека), Саша Станишиќ (Катавеј/ Синесквер), Стефан Палитов (режисер), Татјана Јаневска (Скопски филмски фестивал), Дарко Набаков (Македокс), Атанас Георгиев (продуцент) и Русе Арсов (МКЦ/Синедејс).

Двочасовна дискусија се разви меѓу учесниците на вебинарот

Генералниот заклучок од речиси двочасовната дискусија што се разви меѓу учесниците на вебинарот може да се насочи во три правци: тврда линија, односно мислења дека ништо не може да ја замени социјалната димензија на класичните филмски фестивали; средна линија, која поддржува одржување хибридни форми, кои вклучуваат класични и дигитални елементи во одржувањето на филмските фестивали; и дигитална линија, која не ја негира функцијата на класичните фестивали, но иднината на филмската промоција и дистрибуција ја гледа во дигиталните платформи.

На вебинарот беше посочен еден од можните проблеми што најверојатно ќе се појави во есенскиот период доколку сите фестивали од пролетната сезона се префрлат во септември и октомври, а тоа ќе биде техничката неможност да се опслужат сите организатори на фестивалите. Дополнителни тешкотии може да предизвикаат мерките за заштита од вирусот, но и одѕивот на публиката.

Став на ДФРМ е место по секоја цена да се одржуваат филмски фестивали, подобро е средствата да се вложуваат во филмска продукција. Во меѓувреме, Агенцијата за филм ќе очекува организаторите на фестивалите да достават ревидирани планови и програми за одржување на фестивалите, а отпосле ќе биде донесен став дали и кои фестивали ќе бидат поддржани.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 33, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот