Зограф со неверојатна дарба и талент

Отворање на изложбата на икони од Дичо Зограф по повод 200 години од неговото раѓање.

Дичо Зограф ѝ припаѓа на генерацијата зографи од 19 век, кои се образоваат и обучуваат во кругот на семејните зографски работилници врз искуствата на постарите мајстори, кои ги пренесувале своите знаења и својот однос кон постарата уметност и традиција. Се надградува и усовршува во работилницата на големите мајстори од Самарина – Михаил и Димитрија-Данил, во годините кога тие работат во манастирот Бигорски, и во црквите на роднокрајните малорекански и дебарски села.

Во чест на 200-годишнината од неговото раѓање (1819), во Ликовниот салон на МАНУ се поставени 25 икони и десет репродукции, главно од црквите во Мала Река и Дебарско, од Тресонче, Росоки, Сенци, предмети од Бигорскиот манастир, како и икони од струшка Малесија, од Селци. Изложбата ја отворија претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и д-р Сашо Цветковски од ИЦКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ. Изложбата ќе биде отворена до 26 октомври, а на 17 и 18 октомври МАНУ и Македонската православна црква – Охридска архиепископија организираа и меѓународен научен собир „200 години Дичо Зограф (1819-2019)“.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, на отворањето на изложбата истакна дека Дичо Зограф е една импозантна личност, зограф со неверојатна дарба и талент.

– Дичо Зограф е навистина своевиден феномен. Човек со неверојатна дарба и талент. Прво, затоа што самиот бил голем мајстор за изработка на боите. Сам ги изработувал боите, лаковите, пигментите, како и растворите за бои. Второ, затоа што тој изработувал икони што се препознатливи со својата автентичност, оригиналност и со својот раскош, и трето, затоа што создал едно импозантно дело. Неверојатно за еден период што не траел ни цели три децении, тој создал повеќе од 2.000 икони и над 10 фрескоансамбли. За толку кратко време да се направи толку големо дело, говори за неговиот талент. Можеби со голема леснотија ги правел иконите, меѓутоа ги правел со голем квалитет, оригиналност, автентичност и препознатливост – нагласи Таки Фити.

Творештвото на тресончанецот Дичо Зограф означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосем нов период во македонската историја на уметноста. Дичо во своите икони владее со моделацијата. Во својата дејност тој систематски работи на нови иконостаси, ги обновува и ги дополнува постојните, осликува одделни ѕидни површини со живопис и работи на цели ансамбли во новоизградените и доградените цркви и манастири. Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот