Жителите во Ќерамидница немаат автобус, надлежните ветуваат решавање на проблемот

Фото: МИА

Граѓаните на оваа населба, која е дел од Општина Гази Баба, постојано алармираат за ваквиот проблем со кој секојдневно се соочуваат, а за кој надлежните сѐ уште немаат соодветно решение.

Жителите на населбата Ќерамидница, иако живеат на неколку километри од центарот на Скопје, сепак имаат исклучително лоша сообраќајна поврзаност кога станува збор за автобускиот превоз. Низ поголемиот дел на населбата нема поставено автобуски постојки од каде што автобусите би собирале патници, па локалното население е принудено да пешачи и по неколку километри, во најразлични правци, за да дојде до првата, односно до најблиската автобуска постојка од каде што би се качиле за понатаму со автобус да пристигнат до посакуваната локација во градот.

Жителите на оваа населба, која е дел од Општина Гази Баба, постојано алармираат за ваквиот проблем со кој секојдневно се соочуваат, а за кој надлежните сѐ уште немаат изнајдено соодветно решение.

– Живеам во Ќерамидница и навистина е тешко секое утро и секое попладне, без разлика на временските услови, да мора да пешачиме до најблиската автобуска станица за да се качиме во автобус. Иако живееме во населба која е најблиска до центарот на градот, сепак ние сѐ уште не сме комплетно сообраќајно поврзани со автобуски. Недозволиво е во денешно време да нема никаков тип јавен превоз. Како жители бараме итно решавање на овој наш проблем бидејќи постојано слушаме апели како наместо автомобил треба да се користи автобуски превоз во градот, а еве ние и да сакаме да се возиме со автобус не сме во можност – вели жителка на Ќерамидница.

Градските власти велат дека се запознаени со ваквиот проблем на локалното население и објаснуваат дека работат на решавање на овој проблем.

– Службите во Градот Скопје се информирани за овој проблем, кој беше предочен како барање од месната заедница Ќерамидница на координативните тела за месните заедници од општината Гази Баба, во кои учествуваат претставници од Градот и јавните претпријатија. Во моментов поради зафати во реонот на трговскиот центар Ист Гејт, не се исполнети инфраструктурните услови како би се продолжила линијата 12 од Саем до Ќерамидница, а линијата е врзана со автобуските постојки – информираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека службите во Град Скопје работат на изнаоѓање решенија за ваквите проблеми кои се од интерес на граѓаните и најавуваат дека тие ќе бидат реализирани веднаш штом се оспособат инфраструктурните услови за нивно овозможување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот