ФОТО | Жители на шарпланински села на протест: Наш имот, а не можеме да го користиме

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Жители на неколку шарпланински села кои припаѓаат под Општина Јегуновце и Теарце одржаа протест покрај регионалниот пат кај село Вратница, незадоволни од како што велат управувањето со шумата од страна на Националниот парк Шар Планина.

Велат дека установата не им дозволува да сечат дрва на државен, а процедурите за сеча на приватен имот траат подолго време, а некои мештани и не можат воопшто да добијат дозвола.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Сметаат дека решението на проблемот лежи во поместување на границите на националниот парк, односно истиот да започнува од повисока надморска височина, со цел нивните приватни имоти да бидат надвор од границите на паркот.

„Со прогласувањето на Шара за национален парк се отворија низа проблеми, сега актуелно е сечата на дрва. Со годиништа се собирало дрва, сега сме 15 октомври луѓето се без дрва. Со прогласување на Шара за национален парк границите се симнати ниско до самите села. Јас би препорачал границите да започнуваат од поголема надморска височина, да не бидат во нашите приватни имоти.Имаме право во приватен атар да сечеме, но таа процедура оди тешко, а некои и не завршуваат работа’, вели Љубомир Атанасовски жител на Вратница.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„За сеча на дрва во приватен имот јас имам дадено молба и веќе трети месец не ни одговараат. Ни бараа скица, имотен лист, се сум однел, ми рекоа ќе дојдат да видат на лице место, но се уште ги нема никаде“, вели Фадил Сабрии жител на Пршовце.

Голем дел од населенито е со нерасчистени имотни правни односи, дел од вистинските сопственици на имотот се на печалба, па процедурата за добивање на дозвола за сеча на шума на приватен имот е доста посложена, велат мештаните. Истакнаа дека ќе продолжат со протестите и во периодов што следи истите ќе ги радикализираат.

„Ние ветуваа претходно од Националниот парк дека ќе има сеча на шума, но ветувањето не се исполни. И за сеча на приватната шума имаме проблеми. Ние имаме нерешени имотни правни односи и затоа постојано сме одбивани. Сега од Националниот парк ни велат мора да гласи на тебе имотот, а некој е во странство, некој има неподелен имот. Сега сме без дрва, немаме пари да купимие оти сме со ниски примања.Ако не ни одобрат сеча ќе се организираме ќе го блокираме патот и ќе преземеме порадикални чекори’, вели Илија Јанчевски жител на Старе Село.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Ние не сме против националниот парк. Имаме имот кој е влезен во територијата на националниот парк, не можеме ниту да береме дрва, ниту да собираме плодови, ниту да напасуваме стока. Ние бараме паркот да започнува од поголема надморска височина. Ако не го користиме имотот нека ни го купат, а не вака тој е наш, а не можеме да ги користиме“, вели Баки Муареми жител на Јажинце.

Не тераат со сила да се отселиме од нашите родни огништа, велат мештаните. Направија споредба со Националниот парк Шар Планина на косовската страна, каде како што посочија речиси целиот приватен имот на селаните не е дел од заштитеното подрачје.

„Незадоволството е големо. На пример во белојшкиот атар 78% од националниот парк е во приватен имот, тоа е оставено од нашите дедовци, а сега се соочуваме со големи проблеми. Националниот парк е до самата црква, а имаме туристичко место над селото, народот сака да гради, да егзистира, сакаме да опстанеме тука. Има народ со ниски примања, како ќе се снабдиме со дрва. Сосила не тераат да избегаме, наместо младите да ги задржат, тие ги бркаат. Нека се слушне гласот на народот. Во Косово, Шара како национален парк не задира во приватен имот“, вели Љубиша Младеновиќ жител на Беловиште.

Подршка на денешниот протест даде Димитар Костадиновски градоначалник на Општина Јегуновце.

„Јас ќе ги подржам мештаните, ова е проблем повеќе од две години откако е прогласена Шара за парк. Законот донесен беше во канцеларија, без да се праша локалното население оти тие имаат многу приватен имот и затоа дојде до оваа ситуација. Месните заедници бараа од НП Шара да се дозволи сеча во државен имот, но од установата одговорија негативно. Јас ќе ги подржувам протестите, но апелирам да најдеме заедничко решение, за да обезбедиме дрва за престојаната зима“, вели Димитар Костадиновски градоначалник на Општина Јегуновце.

Од националниот парк Шар Планина ги отфрлија дел од обвинувањата. Според установата, ниту еден жител кој имал комплетна документација, а поднел барање за сеча во сопствен имот, не чекал дозвола повеќе од две недели.

„Намалени се цените, условите им се максимално овозможени за тие што имаат имот во паркот, во сопствена шума. Во државна шума не можеме да дадеме одобрување за сеча, затоа што се уште немаме Планови за управување со шуми. Ќе се изработуваат следната година и тоа е долга процедура со чешлање на теренот, во насока на заштита на природата“, соопштија од Националниот парк Шар Планина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот